Анѓушев: Фени има тешкотии, но ќе направиме сѐ да продолжи да работи

Комбинатот „Фени“ има финансиски тешкотии, но се изнесуваат лаги за состојбата во оваа компанија, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев по обвинувањата од опозицијата.

„Тоа не само што не е точно, туку е една дрска лага и конструкција на некои опозициски медиуми“, рече Анѓушев.

Тој кажа дека комбинатот Фени бил блокиран од „Силк роуд“ банката, и од другите банки, поради неисполнување на финансиските обврски спрема нив, а следната блокада била од добавувачот на руда од Албанија.

„Владата е посветена на решавањето на проблемот. Интензивно се разговара и со сопственичката структура на Фени и со менаџерскиот тим на компанијата за да се најде решение како овој проблем да се реши.  Вчера се исплати платата за работниците. Работниците одат на работа, ниту еден нема да биде испуштен од работа“, изјави тој.

Анѓушев додаде дека фабриката не престанала со работа, иако го намалила својот капацитет на работа за одреден период, но Владата посветено работи на тоа да се најде решение како да му се помогне на комбинатот да продолжи да работи.

„Но, мора да се каже дека слободниот пазар и приватните капацитети наложуваат дека сопствениците и менаџментот се тие кои први треба да дадат решение, зашто државата може да помогне, но не да се меша во приватните капацитети.Таа има моќ преку одредени мерки д апомогне краткорочно, а долгорочно треба менаџерскиот тим и сопственичката структура да понудат решение. Владата ќе направи се Фени да продолжи да работи“, рече Анѓушев.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top