Tuesday, January 26, 2021
Home Популарно Израелски научници открија технологија која наводно го убива корона вирусот

Израелски научници открија технологија која наводно го убива корона вирусот

Откако пандемијата на корона вирусот го погоди светот истражувачите се трудат да пронајдат некое средство кое би ја контролирало или би ја стопирало пандемијата. Засега ниедно решение не се покажа 100% ефикасно, но истражувањето кое го објавија научници од Универзитетот во Тел Авив влева надеж.

Имено, тие го проучувале влијанието на УВ-ЛЕД технологијата врз вирусите, меѓу кои и на новиот корона вирус. УВ-ЛЕД технологијата се базира на диоди кои емитуваат ултравиолетова светлина. Озрачувањето со ултравиолетови зраци е честа метода за деактивирање на патогени микроорганизми, меѓу кои и вирусите, затоа што таа светлина ја оштетува нуклеинската киселина, протеините или внатрешното производство на радикали. Но, за УВ светлината да биде ефикасна мора да се емитува на одредена бранова должина.

За разлика од класичните УВ светла, кои може да бидат прилично скапи, УВ-ЛЕД се мали диоди кои можат брзо да се прилагодат, поедноставни се за управување и користат помала волтажа, што значи дека може да се напојуваат со батерија или со соларен панел. Поради тоа се покажаа исклучително прифатливи за научниците.

Како што објавија во својот напис во списанието Journal of Photochemistry and Photobiology B: Biology, научниците од Тел Авив тестирале УВ-ЛЕД за да ја пронајдат брановата должина која би била ефикасна за онеспособување на новиот корона вирус. После низа тестови откриле дека брановата должина од 285 nm има еднаква ефикасност во убивањето на корона вирусот како и брановата должина од 265 nm. И во двата случаи корона вирусот бил деактивиран во рок од половина минута во 99,9% од случаите. Тоа е битно затоа што УВ-ЛЕД се емитува на бранова должина од 285 nm, а класичните УВ светла на 265 nm. Во превод тоа значи дека УВ-ЛЕД се исто ефикасно, но многу поевтини и подостапни.

Иако при тестирањето не користеле примероци од вирусот САРС-КоВ-2, туку негов сурогат на човечкиот корона вирус HCoV-OC43, кој е многу сличен, научниците се уверени дека УВ-ЛЕД светлата би биле ефикасни и во уништувањето на новиот корона вирус.

Моментално целиот свет бара ефикасно решение за дезинфекција и заштита од корона вирусот. Проблемот е што за да се дезинфицира автобус, воз, спортска сала или авион со помош на хемиски средства ви требаат луѓе. А за тие хемикалии да бидат ефикасни ви треба и одредено време за да ја завршат работата, велат истражувачите.

Но, системот за дезинфекција базиран на ЛЕД светла може да биде инсталиран во системот за вентилација или во климата и да го стерилизира воздухот кој влегува однадвор и потоа чистиот воздух да го пушти во просторијата. Нивното истражување може да биде пресврт во борбата против новиот корона вирус, за кој е утврдено дека на одредени површини може да преживее и до три дена.

Популарно