„Многу сум вознемирен од ситуацијата на северот на Косово: апсења без судски одлуки на косовските Срби и марширање на косовските безбедносни сили кон јужна Митровица – придружено со остра реторика од Србија. И покрај вчерашната кризна средба, ескалацијата продолжува и станува опасна. Нема да го толерираме тоа“, објави Борел на Твитер.

Шефот на дипломатијата на Европската Унија се огласи по апсењето на припадник на српската заедница на северот на Косово, осомничен за напад врз припадници на КФОР за време на немирите што се случија на крајот на мај.

Во четвртокот Борел во Брисел имаше одвоени средби со косовскиот премиер Аљбин Курти и со српскиот претседател Александар Вучиќ.

По средбите, Борел рече дека двајцата државници се согласиле за потребата од одржување нови избори на северот на Косово, со учество на тамошните Срби, што ќе биде начин да се реши новата повеќенеделна криза меѓу двете страни.

Во исто време, во одговорот за Гласот на Америка, Стејт департментот посочи дека САД и Европската Унија се многу јасни за очекувањата од двете страни.

„Продолжуваме да ги повикуваме Србија и Косово да преземат итни, конкретни чекори за деескалација на тензиите. Ова вклучува и безусловно ослободување на тројцата косовски полицајци приведени во Србија. Двете страни треба да го следат планот предложен од Европската Унија и без одлагање да се вратат на дијалог со посредство на Европската Унија“, се вели во одговорот на Стејт департментот за Гласот на Америка.