Според Столтенберг, пакетот ќе вклучи повеќегодишна програма за помош на Украина со цел да се обезбеди нејзина интероперабилност, надградување на политичките врски меѓу Алијансата и Киев и реафирмација на ставот дека земјата ќе стане членка на НАТО со заложба да ѝ се помогне во остварување на таа нејзина цел.

– Сојузниците, исто така, ќе преземат јасни чекори за зајакнување на одвраќањето и одбраната, со усвојување на три нови регионални одбранбени планови за спротивставување на двете главни закани за НАТО – Русија и тероризмот, истакна Столтенберг, додавајќи дека со плановите се предвидува зголемена готовност на 300.000 војници, како и ангажирање на воздухопловни и поморски сили.

Според Столтенберг, предвидено е на Самитот да биде усвоен и Акциски план за одбранбено производство (ДПАП), преку кој ќе се координира побарувачката, ќе се зајакнат капацитетите и ќе се зголеми интероперабилноста.

Столтенберг очекува лидерите на НАТО поамбициозно да ја реафирмираат определбата за издвојување на најмалку два отсто од националните БДП за потребите на одбраната, додавајќи дека според најновите податоци европските членки на Алијансата и Канада во 2023 година ги зголемиле трошоците за одбрана за 8,3 проценти.

– Значи, европските сојузници и Канада ќе инвестираат над 450 милијарди американски долари повеќе отколку во 2014 година, кога ветивме зголемување на инвестициите во одбраната, додаде Столтенберг.

Нагласувајќи дека ова ќе биде прв самит на кој Финска ќе учествува како членка на НАТО, Столтенберг истакна дека со „нетрпение очекува што е можно поскоро и Шведска да се приклучи“ на Алијансата.

Покрај шефовите на држави или влади на членките на НАТО, на Самитот во Вилнус, што ќе се одржи на 11 и 12 јули, ќе учествуваат и лидерите на Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, како и на Европската Унија.