Thursday, February 25, 2021
Home Македонија Заврши расправата за законот за попис, ќе се гласа дополнително

Заврши расправата за законот за попис, ќе се гласа дополнително

Собранието попладнево по три дена ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, согласно кој по 19 години земјава годинава треба да ја изврши оваа статистичка операција. По Предлог – законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.

Во обраќањето пред завршувањето на расправата, министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека државата и системот се подготвени за попис, бидејќи, како што рече, речиси 20 години таква операција не е спроведена, а е од исклучителна важност за развојот на државата. Доказ за подготвеноста рече, е и извештајот на Европската Комисија, во кој се нотирал добар напредок, особено во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението, како и тестирањето на новата методологија.

„Комисијата смета и дека има подобрувања во сите статистички области и усогласување на секторските статистики со стандардите на ЕУ. По ова, сомнежи за тоа како ќе се спроведе пописот има само уште кај опозицијата, која бара начин тој да биде одложен. Најавата дека ќе се собираат потписи да се спречи одржувањето на пописот е само продолжение на напорите да се опструира развојот на државата, а повикот за бојкот е бизарен. Не може да се бојкотира нешто што е обврска“, рече Маричиќ.

Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека насила се „турка” попис, а тие како политички субјект биле игнорирани од власта по ова прашање.

-Сакам да ве потсетам дека разговорите со опозицијата за пописот започнаа уште во 2019 година. Токму ВМРО-ДПМНЕ реши да се повлече од нив. Последните предлози кои ги добивме, за кои беше информирана и јавноста или беа небулозни или беа непотребни и неостварливи во вакви кратки временски рокови. Да имаше барем еден конструктивен предлог, за кои статистичарите, односно Државниот завод за статистка ќе кажеше дека е добар, ние ќе го прифатевме и ќе го вметнеме во текстот на законот. За жал таков не добивме, рече министерот.

Едно од барањата рече, било и барањето повтoрно да има Државна пописна комисија, што, според него, е политичко тело и една од причините зошто пропаднало попишувањето во 2011.

„Сепак, добивме креативни идеи како да се блокира целиот процес … најверојатно да не испадне дека оваа Влада е способна да направи нешто што на нив не им успеа, а тоа е да организира модерна статистичка операција по сите највисоки светски и стандарди на ЕУРОСТАТ. Многу пати имам досега кажано дека пописот неместо тешко политичко прашање, треба да биде стручна статистичка операција. Гледам опозицијата овие денови ја преземаа истата терминологија и наратив, но едно од вашите барања колеги беше повтoрно да има Државна пописна комисија, што е политичко тело и една од причините зошто пропадна попишувањето во 2011. Велите политиката надвор од пописот, ама политичко тело да учествува во спроведувањето на истиот“, рече Маричиќ.

Дел од пратениците од опозицијата реагирирајќи на говорот на Маричиќ истакнаа дека тој многу повеќе личел на политички говор на партиски фукционер отколку на министер за правда и му забележаа на потпретседателот на Собранието Горан Мисовски што не го опоменал.

Опозицијата смета дека со вака поднесен закон без прифаќање на суштински амандмани на опозицијата, без прецизни дефиниции и методологија која подоцна ќе се носи како подзаконски акт, овој процес се политизира наместо да биде само статистичка операција. Се отвора, велат, простор за сомнеж во целиот процес, а дополнителен доказ за тоа е што се предвидуваат и врзни потписи на директорот и на заменикот на ДЗС. Во законот, велат пратениците од опозицијата, не се вградени регулативите и препораките на Европскиот парламент, Обединетите нации и Евростат. Дополнителен сомеж, за нив отвора и одбивањето да се прифати пописот да се сроведе со земање отисок.

„Врзаните потписи на директорот и на заменикот се всушност вето на ДУИ која нема да ги признае резултатите ако тие не им одговараат“, рече Борислав Крмов од Левица.

Немањето на методологија во рамки на законот и дефиниција на резидентно население, според опозицијата е нешто што, исто така, предизвикува сомнеж за политизацијата на законот. Ќе попишувате, рекоа тие, државјани, наместо резиденти на оваа држава, а со тоа ќе се дадат погрешни резултати, со што погрешно ќе се планираат и распределуваат инвестициите за развојот на различните региони.

Методологијата, појасни министерот Маричиќ, ќе биде донесена најдоцна еден месец по донесувањето на законот.

„Во однос на дефинициите, тие ќе излезат многу скоро, но јасна е дистинкцијата, меѓу резидентно, нерезидентно и вкупно попишано население во кои влегуваат и резидентното и нерезидентното“, рече министерот за правда.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, потенцираше дека пописот треба и мора да се реализира, но не сега во овој момент и под вакви услови. – Со мало пролонгирање на пописот, ќе се избегнат лоши ситуации во однос на пандемијата и ќе се изработи модеп преку кој пописот ќе го добие своето вистинско значење и неговото реализирање ќе придонесе со нови точни статистички податоци за населението во државата, рече тој.

Пратениците од владејачкото мнозинство сметаат дека е нејасно зошто опозицијата се противи на спроведување на попис, кој, како што рекоа, ќе биде согласно меѓународните стандарди и практики. Секоја намера за одложување на пописот е деструктивна и злонамерна, спротивна на интересите на граѓаните и на државата, сметаат тие.

Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска нагласи дека при спроведување на пописот ќе се користат податоци од електронскиот регистар на население, кој ќе биде поврзан со уредите за попис и податоците ќе бидат споредувани со базите на податоци на другите институции и оти е невозможно да се попишат лица, кои не постојат.
Таа појасни дека во законот е предвидено да се користат базите на податоци на министерството за внатрешни работи, министерството за информатичко општество и администрација, за образование и наука, за труд и социјална политика, агенцијата за вработување, фондот за пензиско и инвалидско осигурување, управата за водење матични книги, управата за катастар на недвижности и на државниот завод за статистика.
Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.

Популарно

- Реклама -