Американскиот претседател Џо Бајден се сомнева во успехот на импичментот на неговиот претходник Доналд Трамп.
Резолуцијата за импичмент веќе беше одобрена од Претставничкиот дом на 13 јануари. Таа беше доставена до Сенатот во понеделникот вечерта. Постапката ќе започне по 8 февруари.
Трамп е првиот претседател во историјата на Соединетите Американски Држави на кој двапати му беше изречен импичмент. Овојпат тој е обвинет за поттикнување немири. На 6 јануари илјадници негови приврзаници упаднаа во Конгресот за да спречат законодавците да ги утврдат изборните резултати. Како резултат на тоа, неколку лица починаа, а многумина беа повредени.
Доколку процесот на импичмент е успешен, тогаш Трамп ќе ја изгуби можноста да извршува јавни функции, вклучително и повторното кандидирање за претседател на САД.