Тоа за Еуроактив го кажа секретарот на ПЕС Ѓакомо Филибек. Порталот претходно пренесе дека Бугарската социјалистичка партија (БСП), инаку членка на ПЕС, планира да формира нов левичарско-националистички блок во кој би влегле 16 партии.

Меѓу нив има и проруски партии, како Атака на Волен Сидеров, како и Русофилната партија на Николај Малинов.

„Ако раководството на бугарската партија тргне по тој пат, тогаш Партијата на европските социјалисти сигурно ќе преземе консеквентни мерки како во други случаи, на пример Словачка“, кажа Филибек.

ПЕС на почетокот на октомври го суспендираше членството на партијата Смер на ново-стариот словачки премиер Роберт Фицо, но и Глас на неговиот коалициски партнер Петр Пелегрини по нивното „вртење надесно“.

Претседателката на БСП Корнелија Нинова неодамна изјави дека се противи на имплементацијата на Конвенцијата од Истанбул со која би се препознал и трет род, кој нема врска со биолошкиот пол.

Таа ги критикуваше санкциите против Русија и испораките на оружје на Украина, и изрази восхит кон Фицо и неговото патриотско вртење.

Како што наведува Еуроактив, набљудувачите во Бугарија веруваат дека зад ставовите на тамошните социјалисти не стои Нинова, туку претседателот на државата Румен Радев.

Тие го опишаа како противник на воената помош за Украина кој е спремен да прави компромиси со Кремљ и сака да воспостави власт „како таа на Орбан во Унгарија“.

„Радев е главната алка во мрежата меѓу сите овие неповрзани фактори на левиот и патриотскиот простор“, вели Парван Симеонов од аналитичката група Галуп интернешнел Балкан.

Левицата, која својот наратив го гради на носталгијата за комунистичкото минато и на чувството на благодарност на многу Бугари за тоа што Русија ја ослободила Бугарија од отоманската власт на крајот на 1 век, стана придвижувач на националистичката и проруската реторика.

Радев, пак, беше избран за претседател во 2017 со поддршка од БСП, но брзо го покажа својот политички стил и потенцијал да ги придобие левичарските конзервативни и евроскептични гласачи. Во моментов е во својот втор петгодишен мандат.