Monday, April 12, 2021
HomeМакедонијаЗаев-Ќучук: Билатералните прашања да се решаваат посебно од европската рамка

Заев-Ќучук: Билатералните прашања да се решаваат посебно од европската рамка

Бугарскиот европратеник денеска испрати порака дека е потребно да се врати меѓусебната доверба во однос на македонско-бугарските односи, како и дека улогата на политичарите не е да прават ѕидови, туку да ги уриваат, а граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија да живеат во попросперитетен свет
Билатералните односи треба да се решаваат посебно помеѓу државите и не треба да бидат дел од европската преговарачка рамка.

Ова, велат од Владата, е констатирано на денешната средба помеѓу премиерот Зоран Заев и бугарскиот европратеник Илхан Ќучук кој е и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент.

Од владината прес-служба велат дека Ќучук дал поддршка за европската перспектива на земјава, а се зборувало и за реформите.

„Целосно сме фокусирани на реформите, со најголем фокус на правосудството, каде започна практичната имплементација на донесените законски решенија. За нас нема алтернатива за членството во ЕУ. Низ политиките на разбирање и дијалог ќе продолжиме да работиме, со цел придонес во добрососедските односи и не само затоа што тоа е важно за европскиот начин на однесување, туку и поради потребата од пријателските односи помеѓу соседските држави“, рекол Заев.

Ќучук денеска одржа и заедничка прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи, на која исто така се зборуваше и за односите со Бугарија. Тој порача билатералните прашања да се решаваат во билатерален формат, а историјата да им се остави на историчарите.

Испрати порака и дека е потребно да се врати меѓусебната доверба, како и дека улогата на политичарите не е да прават ѕидови, туку да ги уриваат, а граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија да живеат во попросперитетен свет.

„Стратешки интерес на Северна Македонија е да биде во ЕУ, а исто така и стратешки интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде дел од ЕУ, и поради тоа има потреба од разговор, чесност во односите, враќање кон Договорот од 2017, бидејќи без доверба не можат да бидат постигнати добри резултати“, потенцираше Ќучук.

Во однос на нацрт-резолуцијата за земјава, што претстои да се усвои од страна на Европарламентот, Ќучук рече дека неговата улога како известувач е објективна и ја отсликува реалната слика за земјава, истакнувајќи дека Северна Македонија има силен ангажман во реформите.

„Достигнувањата како што се членството во НАТО и во ЕУ бараат наднационален консензус и во тоа сите треба да имаат улога – граѓаните повеќе да бараат од политичарите, но и конструктивност од опозицијата. Реформите, што се важен дел од програмата на Владата, треба да продолжат многу интензивно, бидејќи ЕУ бара длабоки реформи“ рече Ќучук.

Османи, пак, порача дека земјава испорачала резултати на сите полиња и заслужува да биде вреднувања.

„Европскиот парламент да го вреднува нашиот напредок. Сведоци сме на гласната поддршка на Европскиот парламент во сите фази на нашето пристапување во ЕУ и ја цениме Вашата лична заложба што овој важен документ што го изготвувате, ќе ја отсликува реалната слика и ќе претставува важен импулс не само за земјава, туку и за регионот“,рече Османи.

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img