Вечерва Србија и донираше 2.000 дози вакцина Спутник V на Црна Гора, а на аеродромот во Подгорица му биле предадени на премиерот Здравко Кривокапиќ од неговата српска колешка Ана Брнабиќ.

„Здравје пред се, и солидарност пред се. Ова е сведоштво за денешниот голем настан“, рече Кривокапиќ откако авионот на српската влада слета во Подгорица со донираните вакцини.

Донацијата од Србија пристигна во Црна Гора со официјално одобрување од Москва, објави Радио телевизијата на Црна Гора (РТЦГ), наведувајќи дека вакцинацијата во Црна Гора треба да започне следната недела.

Кривокапиќ изјавил дека вакцините се најскапоцениот подарок што може да го добијат и побара од Брнабиќ да им ја пренесе својата благодарност на граѓаните на Србија за донацијата за Црна Гора. Брнабиќ рече дека Србија наскоро ќе испрати уште 2.000 дози во Црна Гора.

„Доволно е да се вакцинираат здравствените работници во црвената зоната и тоа е првата линија на одбрана што ќе ви помогне да се борите против короната“, рече Брнабиќ. Таа истакна дека целта на донациите е „да се отвори ново поглавје во односите меѓу двете братски и пријателски држави“.

На 14-ти февруари, Србија и донираше 4680 дози на вакцината од Pfizer / BioNTech на Македонија по што започна вакцинирањето кај нас .

Владата минатата недела објави дека купува 200.000 дози кинеска вакцина Синофарм заради доцна испорака на вакцини во рамките на програмата COVAX спроведена од Светската здравствена организација и Федерацијата за вакцини GAVI.

Србија во моментов е лидер во регионот според вакцинацијата на населението и втора во Европа по Велика Британија, а според последните официјални податоци на владата во Белград, се очекува да надмине милион дадени дози на првата и втората доза на вакцината.