Wednesday, March 3, 2021
Home Македонија Дали вакцините на Фајзер - 6 дози во шишенце целосно се искористуваат?

Дали вакцините на Фајзер – 6 дози во шишенце целосно се искористуваат?

Сите дози од едно шишенце од вакцината Фајзер засега се искористуваат целосно. Здравствените работници, кои се специјализирани за имунизација, тврдат дека целосно ги искористуваат сите шест дози од едно пакување, како што е пропишано во упатството од производителот.

“Значи сите дози, ние претходно пробувавме и извадивме шест дози и сите шест дози до сега се искористени. И во прва смена и во втора смена. Значи, воопшто до сега немаме загуби”, вели Ратка Стрезовска, медицинска сестра, која долго време работи на имунизација.

Проблем со максималното искористување на дозите не мора да се јави само заради несоодветно организирање на вакцинацијата, туку и поради недостиг од специјални шприцови. Таков е случајот во Јапонија, каде властите набавија 144 милиони фајзерови вакцини, што е доволно за имунизација на околу 60% од населението. Но, стравуваат дека милиони дози вакцина може да пропаднат токму поради недостиг на специјалните шприцови, бидејќи со тие со кои располагаат може да извлечат само по пет дози.

Сестрите кои работат на имунизација во скопската модуларна болница велат дека немаат таков проблем, а имаат доволно искуство бидејќи и претходно користеле од специјалните шприцови.

“Имаме искуство бидејќи веќе работиме по 42 години на имунизација. Има шприцеви што ги користиме значи за растварање и шприцеви за амплицирање. На самиот шприц си има одредено колку треба да извлечеме, значи 0,3 раствараме со 1,8”, Ратка Стрезовска, медицинска сестра.

Од Министерството за здравство велат дека “вакциналните тимови во целост ги искористуваат дозите, процесот за вакцинација е соодветно испланиран и добро организиран.

Што се однесува до вакцината на Астра Зенека истата ќе биде аплицирана во зависност од волуменот на вијалата, односно во една вијала може да има 8 или 10 дози во зависност од пакувањето”.

Освен вакцините од Фајзер, до крајот на месецов треба да стигнат и кинеските вакцини, од каде се нарачани 200.000 дози, а во текот на март треба пристигне и првата пратка од вакцините Астра Зенека преку Ковакс системот.

Имунизацијата започна вчера најпрво меѓу здравствените работници. Од модуларната болница велат дека се одвива непречено и без несакани последици по пациентите.

Покрај лекарите и сестрите, вакцина чекаат и граѓаните. Според последните податоци, преку сајтот вакцинација.мк или преку матичните лекари се пријавиле над 85.000 заинтересирани за вакцинација, од кои 38.000 се лица над 70 години. Кога ќе дојде нивниот ред, тие својата вакцина ќе ја примат во еден од седумте здравствени домови во Скопје и низ земјава.

Популарно

- Реклама -