Wednesday, March 3, 2021
Home Македонија Скопје и Софија го бараат излезот од лавиринтот: Тоновите омекнуваат, позициите и...

Скопје и Софија го бараат излезот од лавиринтот: Тоновите омекнуваат, позициите и натаму тврди

Бугарските политичари со ветото на евроинтеграцијата на Македонија ѝ нанесоа најмногу штета на самата Бугарија и очекувано е тоа да почнат да го сфаќаат, оценуваат аналитичарите по последните меки изјави на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која за една недела неколкупати повика на пријателство и нормализација на односите меѓу двете земји, а завчера рече дека наскоро ќе ни донираат вакцини против коронавирусот. Со пораки за добрососедство поминаа и средбите на бугарскиот европратеник Илхан Ќучук со македонскиот државен врв, кој истакна дека билатералните односи треба да се решаваат билатерално, а за историјата да зборуваат историчарите и повика двете земји да се вратат кон исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година.

Аналитичарот Мерсел Биљали вели дека е очекувано ставовите на Бугарија да омекнуваат и дека тие промени се случуваат однатре, во самото бугарско општество.

– Полека сфаќаат дека самата бугарска политика длабоко ги рани бугарските интереси со блокадата за Македонија на патот кон ЕУ. Очекувано е дека до изборите и натаму ќе се одржува максимално наелектризирана атмосфера за оваа тема во Бугарија, но ќе има промени – вели Биљали за „Слободен печат“.

Тој додава дека промената во Бугарија не е резултат на никакви притисоци од ЕУ, затоа што „ЕУ моментно има толку проблеми што интеграцијата на Западен Балкан им е практично неважна“.

По средбите со политичарите од власта и опозицијата, вчера европратеникот Ќучук се сретна и со претседателот на македонско-бугарската стопанска комора Кирил Лазаров, каде што разговарале за економските врски меѓу двете земји.

– Не може да имаме стабилни политички врски ако немаме солидни економски врски. Економските односи не смеат да застанат и не треба да бидат заложници на политичките и дипломатските процеси на двете држави. Тие треба да бидат моторот што ќе ги придвижи процесите и да бидат пример дека ние сакаме и мораме да соработуваме одблиску – рече Лазаров.

За време на посетата на Ќучук македонската влада ја повтори својата позиција дека за македонскиот идентитет, народ и јазик не разговара и нема да разговара со Бугарија и апелираше да не се влегува во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза.

– Владата цело време е силно мотивирана низ дијалог да се најдат заеднички точки за отворените прашања. Во завршна фаза е усогласувањето на еден единствен акциски план со Бугарија, а на одредени точки работата од планот може веднаш да започне. Такви точки се инфраструктурата, спортот, образованието, информатичкото општество, туризмот и други обврски, со цел да се јакне пријателството помеѓу двете држави – рече владиниот портпарол Душко Арсовски.

Шефицата на бугарската дипломатија Захариева завчера рече дека штом ќе стигнат доволно количини вакцини од ЕУ, ќе донираат за Македонија, а доцнењето е заради механизмот КОВАКС. Таа ги коментираше и информациите од тендерот за изградба на пругата до бугарската граница.

– Дај боже да има многу кандидати и да се изгради Коридорот 8. Не е нормално да нема железничка врска меѓу двете земји. Осудени сме да успееме – рече министерката Захариева за БНТ.

Прочитајте и… Марио Драги доби поддршка од парламентот
Бугарите политичари се мешаат во македонскиот попис
Поранешниот бугарски министер за одбрана Бојко Ноев им сугерира на властите во Софија да побараат во Македонија на претстојниот попис да има графа за Бугарите.

– Нема начин да се стават на исто рамниште правата на Бугарите, нивната дискриминација и искривувањето на историјата со прашањата за асфалт и шини за возови – вели Ноев.

Тој вели дека на пописот ќе има прашалници на седум јазици, меѓу кои го нема бугарскиот и додава дека тоа е заради дискриминација.

– Ние сакаме Бугарите во Македонија да бидат пребројани. И не само да бидат пребројани, туку да не бидат дискриминирани, ако има графа за другите, сакаме да има и графа Бугари – вели Ноев, кој е и поранешен амбасадор на Бугарија во НАТО.

 

Популарно

- Реклама -