Monday, April 12, 2021
HomeМакедонијаНова бугарска влада, нови надежи за решение

Нова бугарска влада, нови надежи за решение

Крајот на изборите во Бугарија треба да означи почеток на нови порелаксирани односи и соработка која ќе го олесни решавањето на спорот, очекуваа македонскиот премиер и министерот за надворешни работи, кои се надеваат дека годинава е можно да се одржи и првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи е оптимист дека од денеска, значи со завршувањето на изборите во Бугарија, ќе може да се воспостави „нормална“ соработка и нов пристап во градењето на меѓусоседската доверба.

Сличен оптимизам искажа и премиерот Зоран Заев, кој најави дека разговорите меѓу двете земји ќе продолжат по изборите, а очекува помош и поддршка и од САД и од ЕУ.

– Оптимист сум дека со новиот пристап на градење доверба преку секторска соработка и со завршувањето на изборниот процес во Бугарија ќе го вратиме амбиентот на рационална дебата, која очекувам да се случи од понеделник со цел сериозен ангажман на двете страни во надминување на разликите за да се добие можност во јунско-јулските самити на ЕУ да се донесе консензус по однос на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, изјави Османи, при претставувањето на новиот план на МНР, Рефлексија 20-30.

Тој рече дека изборите секогаш ги „киднапираат“ редовните политички процеси и ги подигнуваат емоциите на високо ниво, со што се губи рационалноста и ја нема нормалната комуникација.

– По изборите во Бугарија ќе се вратиме во една нормална комуникација, рационална дебата, едно разгледување на нашите позиции и фокус повеќе кон иднината, отколку кон минатото. Знаејќи дека постои доволен потенцијал во двете држави од понеделник ние почнуваме со поинаква динамика на комуникација со Бугарија што значи дополнителни напори во месеците што следат за да се фати оптималната можност за започнување на преговорите на Самитот во јуни оваа година. Најдобрата стратегија е да започнеме со прашањата кои не зближуваат, кои креираат доверба за да потоа во еден амбиент на меѓусебна доверба ги третираме и прашањата за кои имаме разлика, изјави Османи.

Премиерот Заев смета дека решaвањето на проблемот со Бугарија треба да биде билатерално, но дека ЕУ и САД се секогаш се тука за да помогнат. Тој вели дека е можно да се постигне решение со Бугарија до јуни и оваа година да има прва меѓувладина конференција.

– Македонските јазик и идентитет не може да бидат на маса. За тоа никаде во светот не се преговара. Историјата не може и не смее да биде пречка. Најважно е каква историја ќе напишеме сега ние за идните генерации.  Зарем јас и Борисов или Захариева и Османи сме поупатени од експертите, од историчарите. Тие ќе го најдат решението. Ние сме тука да ги охрабриме, рече Заев во интервјуто за Канал 5.

Тој најави дека разговорите меѓу двете земји ќе продолжат по завршувањето на изборите во Бугарија во недела.

– Јас верувам дека постои решение. Јас сум човек кој постигнал договори кои не биле среќна околност за сите, ама денеска станаа реалност за сите и ги отворија сите перспективи на иднината на генерациите што доаѓаат. Но знам и да кажам не. Сакав и јас да имаме меѓувладина конференција во декември. Сакав да нема блокада. Ама македонскиот јазик и македонскиот идентитет не може да бидат на маса. Го сфати тоа и мојот другар Алексис Ципрас, сфатија сите дека тоа е нешто за кое што не се преговара, изјави Заев.

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img