Monday, April 12, 2021
HomeМакедонијаДали ковид е причината ВМРО-ДПМНЕ да бара одложување на изборите во Штип...

Дали ковид е причината ВМРО-ДПМНЕ да бара одложување на изборите во Штип или немаат „вистински“ кандидат?

ВМРО-ДПМНЕ бара предвремените локални избори во Штип и Пласница да бидат одложени поради големиот број новозаразени од ковид-19. Тие бараат во наредните три дена власта да ги одложи изборите поради корона-кризата, но не прецизираат дали, доколку тоа не биде направено, ВМРО-ДПМНЕ би имала свои кандидати за градоначалници.

„Изразуваме длабока загриженост за развојот на здравствената и економската врзана со ковид заразата. Евидентно е дека Владата, Зоран Заев и министерот Филипче немаат контрола над работите и исклучително лошо менаџираат со целокупната состојба. Воедно за ова говори и фактот што за два дена имаме над 40 мртви и речиси две  ипол илјади новозаразени со КОВИД-19. Нашата земја е на самиот врв во регионот по бројот на заразени и по бројот на починати споредено со бројката на направени тестови. Сето ова укажува на тоа дека нема услови за одржување на локални избори во Штип и Пласница и дека истите треба да се одложат се до обезбедување на пристојни и нормални услови за функционирање и фер изборна кампања, што беше и едногласен став на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Дафина Стојановска, по завршување на седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојановска рече дека дополнително на ова, тие како најголема опозициска партија не биле прашани за датумот за одржување на изборите. Не прецизираше, дали доколку власта одлучи изборите да се одржат ВМРО-ДПМНЕ би имал свои кандидати за градоначалници.

„Морам да потенцирам дека и за одредениот датум за одржување на овие  предвремени локални избори воопшто не сме консултирани како најголема опозициска паритја. Но, еве, сепак, пред сé, за здравјето на граѓаните, има рок од три цели дена да наидеме на разум кај партијата на власт. Сепак доколку тие одлучат да се одржат изборите на тој  датум, тогаш треба да одлучат дека ќе ја сносат одговорноста  односно вината за сето она што може да се случи во текот на таква кампања  и во текот на целиот изборен процес. Мислам на жртвите и на заразените“, рече Стојановска.

Сепак, дали корона-кризата е вистинската причина ВМРО-ДПМНЕ да бара одложување на на изборите.

Според штипската ТВ Стар, четири имиња биле во игра за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во Штип. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, поранешниот пратеник Трајче Димков, пратеникот Иван Јорданов и екс градоначалникот Илчо Захариев.

Според ТВ Стар, на сите внатрепартиски анкети поранешниот градоначалникот Илчо Захариев убедливо водел, но бил ставен на анкетите без да биде консултиран. Захариев за телевизијата потврдил дека не ја прифатил кандидатурата за градоначалник.

„ВМРО-ДПМНЕ ми направија чест сметајќи ме како приоритетен кандидат за градоначалник, но јас понудата не сум во состојба да ја прифатам. Имам други длабоко лично приоритети и посветен сум на нив”, изјавил Захариев за ТВ Стар.

Од партијата пак одговориле дека има време и дека не се откажуваат од никого.

„Правиме напори на граѓаните да им го понудиме најдоброто и ние во партијата сметаме на Захариев како можен кандидат, време има сè уште и ние од никого не се откажуваме” – изјавиле од ВМРО-ДПМНЕ Штип.

Сепак, во ВМРО-ДПМНЕ останале збунети од одлуката на Захариев поради тоа што тој својата одлука ја соопштил на друг партиски функционер, а не на претседателот Мицкоски со кого претходно разговарале за можна кандидатура.

Владеачката СДСМ вчера објави дека кардиологот и актуелен партеник Сашко Николов е кандидат на партијата за претстојните предвремени избори за градоначалник на Штип. 

Изборите за градоначалници на општините Штип и Пласница се организираат откако претходните градоначалници стапија на други функции. Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, сега е министер за транспорт и врски, а на Пласница е пратеник.

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img