14.8 C
Skopje
11.5 C
Melbourne
Friday, 29 March, 2024
0
Дома Свет Вештачката интелигенција треба да се разбере за да може да се регулира

Вештачката интелигенција треба да се разбере за да може да се регулира

Продорот на новата технологија заплаши милиони луѓе дека машини ќе им ги грабнат работните места или дека ќе се развие до степен да не може повеќе да биде контролирана, отворајќи го најтешкото и клучното прашање за вештачката интелигенција – како да се скроти, контролира и регулира

Со ултрапопуларните апликации за генерирање пишани или визуелни содржини, вештачката интелигенција за неполна половина година „освои“ светот.

Милиони корисници го прифатија револуционерното технолошко достигнување како играчка. Некои креираат слики на Доналд Трамп зад решетки или на папата со модерна пуфлеста јакна, други ја впрегнуваат за да им полага испити, а само малкумина ги користат виртуелните помошници за она за што се наменети – за да ги одмени во здодевните обврски за кои е потребно многу време и напор, а малку креативност.

Неочекувано моќниот продор на новата технологија, како и при сите технолошки револуции досега, заплаши милиони луѓе дека машини ќе им ги грабнат работните места или дека неверојатно брзо ќе се развие до степен да не може повеќе да биде контролирана од оние што ја создале, отворајќи го најтешкото и клучното прашање за вештачката интелигенција – како да се скроти, контролира и регулира. Владите и институциите тврдат дека тоа е нужно, но експертите се сомневаат и дека е возможно.

Пионерот Европа

Европската комисија е меѓу првите битни институции што настојува да ја спакува вештачката интелигенција во правна рамка. Нацрт-документот опфаќа дефинирање услови и обврски за луѓето во секторот – оние што ја развиваат вештачката интелигенција, оние што ја доставуваат и оние што ја користат. За оние што се издвоени како најзагрозени, а тоа се малите и средни бизниси, се бара начин како да им се помогне да го избегнат ударот.

Документот е дел од поширокиот пакет, кој опфаќа Координиран план и Регулаторна рамка. Целта на пакетот е да ги гарантира безбедноста и основните права на граѓаните и на претпријатијата од несакани последици од вештачката интелигенција. Европската комисија тврди дека дефинирањето на стандарди ќе придонесе за повеќе инвестиции и иновации во овој сектор во Европската Унија.

Обединетото Кралство, пак, развива насоки за „одговорно користење“ на вештачката интелигенција, која ја опишува како „една од технологиите на иднината“. Иако уште не е сосема регулиран, секторот лани веќе придонесол со 3,7 милијарди фунти за зајакнување на британската економија.

Реагирајќи на продорот на генераторите на текст и слика, Министерството за наука, иновации и технологија објави нова „бела книга“ во која се предложени општи правила за вештачката интелигенција и нејзиното користење во повеќенаменски системи. Министерството наведува примери дека машините не само што не се апсолутно неутрални при донесувањето заклучоци и одлуки, туку и дека може да бидат уште поголеми расисти, сексисти и ксенофоби, бидејќи не е контролиран пристапот до материјалите со кои се хранат. Тоа го зголемува ризикот вештачката интелигенција да шири говор на омраза и лажни информации.

Стручниот свет одговара дека новата технологија одамна се користи во многу други економски сектори и веќе испорачуваат реална социјална и економска полза за граѓаните. Владата настојува да наметне нов пристап во скротувањето на вештачката интелигенција во обид да ги заштити од неа основните права и приватноста на граѓаните. Наместо да се создаде единствен регулатор, се предлага одговорноста да се распредели меѓу веќе постоечките. Администрацијата за здравје и безбедност, Комисијата за еднаквост и човекови права и Администрацијата за пазар и компетитивност и други слични институции би требало да дефинираат сопствени пристапи, за да се елиминираат ризиците во секој сектор посебно.

Стравувања во Америка

Стравувањата дека развојот на „генеративната ВИ“ го приближува моментот кога ќе се изедначат интелигенциите на машините и на луѓето, повиците за регулација во Америка опфаќаат и барања привремено да се запре развојот на новата технологија. Од владата се бара поактивно да го надгледува развојот на софтверот и да креира специјални агенции, но стручните лица истакнуваат дека никој денес не може да дефинира „каква вештачка интелигенција би била безбедна“.

– За да се воведе регулација треба да има конкретни докази дека вештачката интелигенција создава повреди. Не се доволни шпекулациите дека роботите ќе го преземат управувањето со светот или дека компјутерите ќе го уништат човештвото како „бесполезно“. Немаме цврсти докази дека вештачката интелигенција претставува значителен ризик за општеството. Без такви докази не може да има ни полза од регулирање – наведува за „Форбс“ Џејмс Бројгел, економист што се фокусира на регулаторски прашања.

Тој додава дека уште поголем проблем би се создал ако регулаторската улога ја преземат луѓе што не разбираат како функционира вештачката интелигенција. Тие би ја задушиле иновативноста со ограничувања скроени по мерката на постоечките практики и играчи. Развојот на вештачката интелигенција сѐ уште е во рана фаза и не може да се претпостави која од спротивставените технологии ќе надвладее и ќе стане доминантна во индустријата што ѝ носи стотици милијарди долари на економијата.

– Лабораториите за ВИ и независните експерти треба заеднички да развијат и да спроведат пакет од безбедносни протоколи за напредни дизајни на вештачка интелигенција, што треба да биде под надзор на независни надворешни експерти – се повикува во отворено писмо од институтот Иднина на животот. Тоа не е лош концепт, но проблем е барањето од институтот да се запре за шест месеци сите активности за надградување на вештачката интелигенција. Тоа практично е неизводливо и неприфатливо во време на технолошка трка помеѓу Америка и Кина.

Како подобро решение се спомнува можноста приватните компании самите да развиваат принципи за безбедно користење на вештачката интелигенција, создавајќи сопствени регулациски системи и тела што би го надгледувале развојот. Прифатлива алтернатива би била и создавање јавен механизам, неоптоварен од владината бирократија.

За сега нема одговор на прашањето дали евентуалното наметнување строги ограничувања за развојот на вештачката интелигенција ќе предизвика преселба на лаборатории во илегала, за да се одржува темпото во трката за иновации.

– Во овој момент ризиците од регулирање на вештачката интелигенција се едноставно превисоки од гледна точка на иновативноста и националната безбедност. Можеби во иднина ќе бидат создадени поповолни услови за регулација, но сѐ додека немаме цврсти докази за ризиците ќе бидеме принудени да чекаме и да видиме каде ќе нѐ одведе сето ова – вели Бројгел.

Проблемот е во умот

Професорот Шјам Сундар од Центарот за социјална одговорна ВИ тврди дека повиците за регулирање на вештачката интелигенција не се поради тоа што технологијата е надвор од контрола, туку поради тоа што „човечката имагинација ги надминува границите“.

– Медиумите придонесуваат за ширење ирационални верувања за капацитетите на вештачката интелигенција и за нивната свесност. Низа истражувања во мојата лабораторија покажале дека кога машина, а не човек, е идентификувана како извор на интеракција, тоа активира ментален склоп кај корисниците дека машините се точни, објективни, непристрасни, безгрешни и така натаму. Тоа го заматува судот и придонесува корисниците претерано да им веруваат на машините. Други истражувања покажуваат дека луѓето имаат тенденција да ги сметаат машините за социјални битија ако покажат барем трошка човечки особини, како способноста за водење разговор. Тоа значи дека кога компјутерите се неми, луѓето слепо им веруваат. Регулацијата е потребна за да се обезбеди производите со вештачка интелигенција да ја заслужат оваа доверба, а не да ја злоупотребат – вели професорот Сундар.

Melbourne
broken clouds
11.5 ° C
14.5 °
8.4 °
87 %
2.6kmh
75 %
Thu
12 °
Fri
27 °
Sat
23 °
Sun
23 °
Mon
23 °
Поврзано
spot_imgspot_img

Популарно

spot_imgspot_img
spot_imgspot_img
spot_imgspot_img
spot_imgspot_img
spot_imgspot_img