Monday, April 12, 2021
HomeМакедонијаБугарија со три услови за преговарачката рамка за Македонија

Бугарија со три услови за преговарачката рамка за Македонија

Добрососедските односи да бидат критериум за членство на Македонија во ЕУ, да се користи официјалното уставно име на државата, а не краткото, и формулацијата за јазикот наместо „македонски јазик“ да биде „официјален јазик“ на земјата-кандидат

Ова се трите услови кои Бугарија бара да бидат вклучени во преговарачката рамка, објавуваат тамошните медиуми. Во текст насловен „Софија има голем проблем со Скопје, а не банален спор за историјата“,софиски „Медиапул“, ги објави барањата на бугарската страна повикувајќи се на дипломатски извори.

Проблемот во Скопје го гледа и претседателот на бугарската страна од комисијата за историски прашања Ангел Димитров. Тој за БНТ оцени дека првата блокада се должи меѓудругото на непочитувањето на Договорот со Бугарија од македонска страна. Прашан дали Европа ги разбира бугарските аргументи Димитров вели „историската вистина не може да се наметне со преговори, а компромисите се работа на политичарите“.

– Вистината е дека големиот проблем е во Скопје. Ако тоа не се разбере, ако продолжат нашите пријатели таму да сметаат дека работите може да бидат одложувани и да се смета на бугарската добронамерност, јас имам чувство, а тоа го покажуваат и некои анкети, дека кога трпението и довербата ќе се исцрпат тогаш веќе не се прават отстапки, изјави Димитров.

За политикологот Марко Трошановски вчерашниот потег на Бугарија не е изненадување. Сепак, вели среќна околност е што германската дипломатија е активно вклучена и „навива“ за нас, што според него дава надеж дека може да има поместување во ставовите до министерскиот состанок во ЕУ за десет дена. Но вели ако Бугарија продолжи со недостоинствени барања, не треба по секоја цена да ги почнеме преговорите со ЕУ, а во крајна линија ќе мораме да бараме нови стратешки ориентации и да ја засилиме македонско – американската соработка.

Македонско-бугарските односи се најдоа и во фокусот на Институтот за блискоисточни и балкански студии. ИФИМЕС од Љубљана анализира дека незамисливо е во 21 век Бугарија да ги оспорува идентитетот и македонскиот јазик.

„Србите и Црногорците, два претежно православни народи, кои се поблиски по идентитетот и јазикот од Бугарите и Македонците, не се оспоруваат меѓусебно за етничката припадност, националниот идентитет и јазикот. Барањето на Бугарија ,Македонија да се откаже од постоењето етнички Македонци што живеат во Бугарија е „врв на ледениот брег“, затоа што Бугарија прикрива и врши силен притисок врз етничките Македонци во Бугарија да се декларираат како Бугари“, се наведува во анализата на ИФИМЕС.

 

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img