Monday, April 12, 2021
HomeМакедонијаЕК очекува договор, Заев е оптимист, Софија молчи

ЕК очекува договор, Заев е оптимист, Софија молчи

Премиерот е оптимист дека е можно да се дојде до решение со Бугарија, но според него, постојат граници на можниот компромис. Европската комисија не се откажува. Софија денеска тивка.

Европската комисија не се откажува од стартот на преговорите со Северна Македонија. По средбата меѓу премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија, Европската комисија останува на ставот дека двете страни треба да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за нивните билатерални проблеми. Невообичаено за трендот од последните денови и недели, од Софија денеска нема нови пораки во однос на спорот.
„Продолжуваме да се надеваме дека наскоро може да се постигне договор за преговарачката рамка со цел да се одржи првата Меѓувладина конференција што е можно побрзо“, вели портпаролката на ЕК за проширување, Ана Писонеро во изјава за МИА.

Премиерот Зоран Заев е оптимист во однос на можноста за изнаоѓање решение со Бугарија, но според него, постои можност да не се одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ. Тој порача дека има работи за кои не се преговара и дека постојат граници на можниот компромис.

И шефот на дипломатијата, Бујар Османи вели дека сѐ уште не може да каже каков ќе биде исходот од преговорите меѓу Скопје и Софија. „Сѐ уште разговараме не можам да предвидам ништо, ниту да го прејудицирам исходот. Прашањето е премногу комплексно и чувствително, а периодот е прекраток. Нашиот пристап е дека ќе работиме до последната минута за да ги аргументираме прво нашите гледишта кон ова прашање, да ги приближиме различните очекувања“, вели Османи.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ја напуштија собраниската сала откако не беше прифатено нивното барање да се расправа за односите со Бугарија. Пратеникот Антонио Милошоски побара на дневен ред да се најдат два предлог-заклучоци за односите со Бугарија, за кои тој побара Собранието да се произнесе. „Предлагам како прва точка од дневниот ред да биде ставена информацијата за македонско-бугарските односи во контекст на позициите во Меморандумот на официјална Софија и ризикот за блокада на преговорите меѓу Македонија и Бугарија“, рече Милошоски. Со вториот заклучок, предложен од група пратеници, Милошоски потенцира дека треба да се упати апел до сите земји членки на ЕУ безусловно да ги почнат преговорите со земјава.

Популарно

- Реклама -spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img