Tuesday, August 9, 2022
HomeМакедонија(ФОТО) „Сонот стана реалност“ – пречек на фудбалерите по историската победа

(ФОТО) „Сонот стана реалност“ – пречек на фудбалерите по историската победа

Со победата против Грузија, Македонската фудбалска репрезентација за прв пат во својата историја се пласираше на Европско фудбалско првенство

Навивачи, новинарски екипи и владини претставници рано утринава ги пречекаа македонските фудбалери на граничниот премин Блаце, по историскиот пласман на Европското првенство.

-Пресреќни сме што овој сон сега стана реалност, порача Горан Пандев, стрелецот на победничкиот гол на натпреварот со Грузија.

„Одигравме одличен натпревар, пласманот на ЕП 2020 е сон на сите нас, пресреќни сме што овој сон сега стана реалност. Јас само сакав да им помогнам на овие момци, ова е фантастична група од млади фудбалери кои го заслужуваат овој успех. Јас дадов се од себе, имам најмногу важни натпревари од сите во Македонската репрезентација, затоа и седнав со нив, ги советував. Одигравме мирно, не дозволивме да влеземе во еуфорија, особено во второто полувреме бевме одлични“, изјави Пандев.

Селекторот Игор Ангеловски порача дека Македонската репрезентација функционира како семејство и дека тајната на успехот е играта со срце.

На пречекот присуствуваа и премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски кои ги пречекаа македонските фудбалски репрезентативци кои од Тбилиси слетаа во Приштина, Косово.

„Голема е радоста што вечерва ја преплави целата земја. Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа која македонската историја не ја памети до сега, со што Македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство. Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на Македонската фудбалска репрезентација. Еден гол за сите, една победа за сите. Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден“, порача премиерот Зоран Заев.

Премиерот им ја соопшти на фудбалерите владината одлука, со која сите членови на Македонската фудбалска репрезентација ќе бидат наградени со по 10 000 евра. На крајот, апелираше за време на славењето на победата да не се заборави на мерките за ковид-19.

„Ова е успех достоен за големо славење, но должен сум да апелирам и да замолам и вие да го направите истото и да апелирате и во овој момент да се почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19 кои забрануваат собири“, порача Заев.

По натпреварот, до доцна синоќа имаше и прослави по улиците

Македонската фудбалска репрезентација во Тбилиси ја совладаа Грузија со 1:0 во финалето од Лигата на нации. Победничкиот гол на Пандев беше во 56. минута по одличната акција во која учествуваа и Елиф Елмас и Илија Несторовски. На евро-шампионатот, одложен поради коронавирусот од оваа за следната, 2021 година, македонскиот национален тим ќе игра во Ц-групата со селекциите на Холандија, Украина и Австрија.

Сениорската репрезентација својот прв историски меч на Европското првенство треба да го одигра против Австрија на 13 јуни во Букурешт.

- Advertisment -spot_img

Популарно

spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img