Thursday, January 27, 2022
HomeМакедонијаЧленки на ЕУ бараат итни преговори, Петков не отстапува од шесте месеци

Членки на ЕУ бараат итни преговори, Петков не отстапува од шесте месеци

Новиот бугарски премиер Кирил Петков деновиве објасни како ја замислува проширената „дебата“ – со пет работни групи, за економија, за инфраструктура, за евроинтеграции, за култура и за историски прашања, кои ќе се состануваат секој месец, при што секоја недела ќе има заседание на одделна група што треба да има работни резултати.

Повеќе земји членки на ЕУ бараат Македонија веднаш да ги започне преговорите за членство со ЕУ, а последна во низата е Унгарија, чиј министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто вчера при официјалната посета на Скопје порача дека Унијата е нечесна кон нашата земја. Новиот бугарски премиер Кирил Петков, пак, деновиве објасни како ја замислува проширената „дебата“ – со пет работни групи за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања, кои ќе се состануваат секој месец, при што секоја недела ќе има заседание на одделна група што треба да има работни резултати. Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, овој предлог на Петков всушност е манифестација на инструментот што веќе е предвиден во Договорот за добрососедство, а тоа е меѓувладина комисија во која има по неколку министри од двете влади, а ги предводат МНР. Оваа комисија досега заседаваше само еднаш – во 2019 година.

Сијарто: ЕУ не е чесна кон РС Македонија
Изостанувањето на почетокот на преговорите со РС Македонија е нечесен чекор од ЕУ, бидејќи земјата направи сè што е неопходно за да го отвори преговарачкиот процес и оваа состојба ја сметаме за штетна, опасна и спротивна на ЕУ-принципите по прашањата за безбедноста и по прашањата на економскиот развој, истакна Сијарто.

– Ние бевме незадоволни и фрустрирани од заклучоците во Брисел за проширувањето и сите тие одлуки ги сметаме за многу неправедни. Ако сакавме да бидеме чесни, ќе требаше да кажеме уште во оваа година Северна Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите. Со почит ги замолуваме нашите пријатели од Бугарија нивните национални прашања што ги сметаат како пречка да ги реализираат во текот на преговорите, а не со попречување на започнувањето на преговорите – рече Сијарто.

Географската позиција на Западен Балкан, додаде тој, изгледа влијае на тоа сè потешко да ги разбираме процесите во регионот и имаме чувство дека политиката на ЕУ кон Западен Балкан станува сè понеефикасна.

Османи го поздрави успехот на словенечкото претседателство да обезбеди консензус за заклучоците на ЕК за регионот што покажува, како што рече, дека и покрај предизвиците ЕУ останува присутна и посветена на Западниот Балкан.

– Свесни сме дека одлуките на Советот на ЕУ се носат со консензус, но сè помалку граѓани на нашите земји имаат разбирање за тоа на каков начин и со какви аргументи се користи таа привилегија од земји членки – рече Османи.

Тој истакна дека довербата во процесот на проширување е на најниско ниво, а тоа го загрозува кредибилитетот на целата Унија и создава нови кризи во регионот.

– Со Бугарија сме веќе НАТО-сојузници и нашите пријатели во НАТО, како што е, еве, и Унгарија, очекуваат да покажеме дека сме зрели да ги надминеме меѓусебните разлики и со тоа да придонесеме во зајакнување на заедничката безбедност и стабилност – истакна Османи на прес-конференцијата со колегата Сијарто.

Петков: Пет групи редовно да се состануваат
Иако македонскиот државен врв минатата недела се изјасни дека рокот од шест месеци што го постави бугарскиот премиер Петков за решение е предолг, тој не отстапува од него, а за почеток има желба во втората половина на јануари да се сретне со идниот премиер Димитар Ковачевски.

Во врска со решението на спорот меѓу Софија и Скопје, тој објаснува дека не станува збор за процес на отстапки, туку за процес на надградба и доколку петте работни групи што ги предлага работат интензивно и успешно, може да бидат направени компромиси од двете страни.

– Македонските граѓани со бугарско потекло треба да бидат заштитени од дискриминација и од говор на омраза. Исто така, треба да има и некој инструмент што ќе гарантира дека секој таков елемент на дискриминација ќе биде оценет како неевропски. Прво нешто што треба да се направи е да се смени реториката. Се разбира, и од другата страна има црвени линии. Не можеме да ги занемариме фактите. Полесно е кога ќе видиме колку може да добиеме и од двете страни, да смислиме можности за нештата што се прифатливи и за двете страни. Нема да отстапиме од нашите сериозни позиции, ќе можеме многу да добиеме заедно – рече Петков за БНТ.

Според министерот Османи, овој пристап на Петков со пет групи за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања на некој начин го има и во самиот Договор за добрососедство.

– Договорот предвидува два инструмента. Едниот е меѓувладината комисија. А другиот историската комисија. Во меѓувладината комисија учествуваат неколку министри предводени од министрите за надворешни работи. Тоа се шест-седум министри од наша страна и шест-седум од другата страна, со кои треба најодговорно да разговараме и да разгледуваме каде има прогрес, а каде нема и каде треба да се фокусираме во иднина. И тие групи, за кои говори премиерот Петков, се всушност враќање кон основниот инструмент на Договорот. За жал, веќе една година сакаме да се одржи втората седница на меѓувладината комисија, но немаме одговор од Република Бугарија. А тоа е најдобриот инструмент – објасни Османи.

Бугарскиот совет за безбедност ќе заседава на тема Македонија?
Бугарскиот консултативен совет за национална безбедност ќе биде свикан во првата половина на јануари во врска со темата за Република Северна Македонија, соопшти бугарскиот претседател Румен Радев.

– Важно е да имаме став на ова политичко тело, за што и партиите ќе имаат јасна позиција за тоа што треба да се направи за да се забрза процесот на интеграција на РС Македонија во ЕУ, но имајќи го предвид и почитувајќи го бугарскиот национален интерес – рече Радев.

Левица: Преговорите со Бугарија да бидат прекинати
Партијата Левица бара да прекинат преговорите со Бугарија.

„Јавноста нема никакви информации каков одговор доставил Заев, дека некаков одговор бил подготвен на седница на Влада, или пак, на собраниските комисии и покрај усвоената Резолуција во Собранието од сите парламентарни партии. Очевидно, владината надворешна политика има цел да манипулира со внатрешната политика со флоскули за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија, за да го разводени јавниот дискурс кој е доминантно негативно наклонет кон владејачките партии“, обвинува Левица.

Оваа партија вели дека „останува на јасните ставови во врска со тековните преговори со Бугарија, за кои смета дека мора да бидат прекинати поради заштита на нашите државнички интереси од отворените шовинистички и негаторски политики на бугарската влада“.

 

- Advertisment -spot_img

Популарно

spot_img
- Реклама -spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама - spot_img
- Реклама -spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img