Саша Узунов, самостоен филмски работник и македонски активист од Австралија, вели дека Македонија има со што да издејствува кревање на бугарското вето за почеток на преговори со Европската унија. „Македонија има да одигра дипломатски ас против бугарското вето и уцената за ЕУ, но останува да се види дали таа ќе избере таков дрзок план. Многу е веројатно дека Стејт департментот на САД нема да го дозволи. Веројатно и амбасадорот на САД во Македонија ќе се спротивстави на тоа. Сепак, ајде да го ставиме на маса. Нема потреба да се прифати предлогот од францускиот претседател Макрон, кој ја поддржува уцената од Бугарија. Сеедно, Македонија едноставно го блокира влезот на Финска и на Шведска во НАТО сè додека Бугарија не го отфрли своето вето за ЕУ. Toa е тешка, но фер зделка. Ако може турскиот претседател Ердоган да преговара и да исцеди договор за Финска и за Шведска, зошто да не може Македонија?“, прашува Узунов на Твитер.