Ахмети и Тачи од „смртни“ непријатели до нови партнери?

Во политиката не постојат вечни пријатели и вечни непријатели, туку само вечни интереси..

Така и некогашните „смртни“ противници Али Ахмети и Мендух Тачи во последниот период значително ги затоплија односите во период кога државата беше во тешка политичка криза и потоа придонесоа за спроведување најпрво на договорот од Пржино, а по изборите си помагаа во новото парламентарно мнозинство кога беше „кнап“.

Сепак, прашањето е дали тоа е доволно за коалиција меѓу ДУИ и ДПА нa претстојниот втор круг од локалните избори или пак такво нешто воопшто и не постои, туку политичките противници на Ахмети се обидуваат да го претстават во послабо светло, односно дека токму него сега му се потребни нови партнери за да победи во трката за градоначалници. 

БЕСА и Алијансата за Албанците ја официјализираа коалицијата за вториот круг прикажувајќи обединет фронт, а Бујар Османи ги обвини дека во Чаир прават тајни коалиции. Исто така долго време кон БЕСА фрлаат стрели дека сака соработка со ВМРО-ДПМНЕ која ја кријат од јавноста. БЕСА, пак сега возврати дека министрите на Ахмети во Владата одобриле 5000 евра за хашкиот осуденик Јохан Тарчуловски кој е одговорен за нападот на Љуботен. 

Ваквите меѓусебни кошкања ќе продолжат и деновите со цел албанските лидери да покажат позиција на сила и патриотизам пред своите гласачи, но што можат всушност да добијат едни од други?

Математички гледано ДПА помина доста лошо на последните локални избори и нивни кандидат води само во прв круг во една општина, тоа е Азем Садики за Студеничани кој водеше пред Реџеп Мемеди од БЕСА со околу 900 гласа. Во сите останати места ДПА е бледа сенка на тоа што некогаш беше и политичкиот капитал на Тачи е премал за сега да му биде од огромно значење на Ахмети. Секако, соработка меѓу двете партии е возможна, но не на исто ниво како што тоа го прават полетните албански партии Алијансата и БЕСА кои се во трка за разочараните гласачи од Ахмети и нудат нешто свежо во албанскиот блок. 

На ДУИ му треба најмногу помош во Тетово и тетовските општини каде традиционално ДПА имаше силно присуство, но да потсетиме дека таму и меѓусебните судири на двете партии беа најжестоки. ДПА може да помогне и во Чаир, додека пак во Гостивар и Струга нивното членство како да е проголтано од останатите партии и нема што да придонесат во вториот круг. 

ДПА ако ништо друго може да му помогне на ДУИ со тоа што нема да му врши дополнителен притисок во вториот круг придодавајќи се на страната на новата албанска коалиција што е и малку веројатно бидејќи таму е Села која излезе од ДПА со Движењето за реформи и практично ја децимираше партијата. Инаку официјална потврда на можна коалиција Ахмети-Тачи засега нема.

Фактор


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top