Ахмети му напиша писмо на Коѕијас: Ви се заблагодарувам за посветеноста за затворање на прашањата со соседите

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во писмо до досегашниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, вели дека е разочаран од веста за неговата оставка, и изразува благодарност за неговата посветеност за затворање на прашањата со соседите..

- Со разочарување ја примив веста за твојата оставка од Министерството за надворешни работи на Република Грција бидејќи веќе четири години работиме заедно за европски вредности, добрососедство, мирен регион, стабилност и безбедност. Нашата соработка беше природна бидејќи не соединуваат нашите геостратешки и геополитички убедувања не само за нашите земји туку и за регионот и пошироко, волјата за решавање на прашањата помеѓу Скопје и Атина, но и согледувањата за односите со Албанија и Косово, вели Ахмети во писмото до Коѕијас.

Лидерот на ДУИ натаму му се заблагодарува и за посветеноста и неговиот придонес за мир, за затворање прашањата со соседите и, како што наведува, „за една Југоисточна Европа потполно интегрирана во НАТО и ЕУ".

Ахмети му посакува среќа на Коѕијас со порака дека во него секогаш ќе „најде отворена врата за да се остварат нашите убедувања за еден развоен и интегриран регион". 



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top