Ахмети: Невнимателноста на некои институции може да го поткопа процесот на уставни измени

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е загрижен за процесот на уставни измени..

Во неделното интервју за радио „Слободна Европа“, Ахмети вели дека некои последни настани го загрозуваат процесот, кој според него, може лесно да биде поткопан. Иако не споменува настани и имиња, Ахмети алудира на последните притворања, вклучувајќи го и она на екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, како закана за опстанок на двотретинското мнозинство.

„Загрижен сум, бидејќи ова е многу важен процес. Се плашам да не се повреди од немарноста на институциите. Да не се создаде впечатокот дека процесот е завршен и завршил. Овој процес се уште се развива и треба сите државни институции, законодавни кои ги спроведуваат законите да бидат повнимателни и да се чуваат од надворешна инфламација, бидејќи лесно може да се оштети имунитетот на овој процес“, рече Ахмети.

Запрашан за бегството на неговиот поранешен коалициски партнер Никола Груевски, Ахмети смета дека Груевски требало да има силни причини за да замине. Сепак, лидерот на ДУИ не помислувал дека е можно такво сценарио.

„Не сакам да шпекулирам, но не сум помислил дека ќе ја напушти државата, но тој треба да знае посилни причини затоа зошто избегал. За да ​​донесете таква одлука не е лесно. Очекувам тој да даде повеќе објаснувања за јавноста“, додава Ахмети.

Кадровски промени или реконструкција на владиниот кабинет не биле предмет на дебата ниту во партијата ниту меѓу коалициските партнери. Ахмети оценува дека тековните политички процеси се поважни од реконструирање на Владата. Што се однесува до идејата за консензуален претседател на државата, Ахмети вели дека тој пристап има поддршка од коалициските партнери, но и дека со шефот на Владата, Зоран Заев, се уште не се разговарало во детали на таа тема.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top