Албански интелектуалци готват меморандум за албанска додавка на името

Битно е со евентуалното ново име на државата да не се идентификуваат само етничките Македонци, вели Положани..

Албанци да бидат активно вклучени во преговорите за името и доколку Македонија и Грција постигнат договор, тоа да не биде име со кое би се идентификувале само Македонците. Ова начелно ќе бидат клучните барања од меморандумот кој го подготвуваат интелектуалци - Албанци и кој ќе се најде на маса пред премиерот Зоран Заев, политичките партии и меѓународниот фактор, потврди за Плусинфо Шптим Положани, претседател на Здружението на поранешни затвореници и еден од иницијаторите на меморандумот.

Иницијативата експерти Албанци директно да бидат вклучени во решавањето на спорот кој Грција го има со нашето уставно име, тие ја покренуваат, бидејќи според нив, ДУИ не е легитимен претставник на Албанците и оттука учеството на лидерот Али Ахмети и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се нерелевантни.

- Албанците имаат историски легитимитет на овие простори и треба да се вклучат во процесот за решавање на спорот за името. Не ни пречи да остане уставното име, ниту пак, да се дојде до решение за ново име. Но, битно е со евентуалното ново име на државата да не се идентификуваат етничките Македонци. Во меморандумот што го подготвуваме бараме експерти Албанци да бидат вклучени во процесот, бидејќи ДУИ само дава бланко подршка на одлуките на македонската Влада - вели Положани.

Освен Положани, меѓу иницијаторите на меморандумот се споменуваат и професори и интелектуалци како Абдула Мемети, Арсим Синани, Авни Авдиу, Нијази Муамети...

Дел од иницијаторите кои ги контактиравме не беа расположени да зборуваат за меморандумот со образложение дека документот се уште е во фаза на подготовка. Коментираат само дека присуството на Ахмети на лидерските за парашањето за името не е легитимно, бидејќи ДУИ не е претставник на сите Албанци.

Тие забележуваат дека опозициските партии на Албанците како Алијансата за Албнаците и Беса се целосно исклучени од процесот.

Иницијаторите апелираат меморандумот да го поддржат сите Албанци каде и да живета за во преговорите за иметот настапат со единствена позиција.

Со ваква забелешка неодамна излезез и лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села. Тој бара опозициските партии и партиите на Албанците да бидат вклучени во преговарачкиот процес.

– Ние како Алијанса за Албанците сме против тенденциите за словенизација на името. Како што рековме дека сме против словенско име Македонија, исто така сме и против предлогот кој кружи во дипломатските кругови, околу идејата да бидат употребени имиња со географска одредница напишани само на македонски јазик, како на пример „Горна Македонија“. Ние сме против ова бидејќи и ова е тенденција за словенизација и присвојување на името – рече неодамна Села.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top