„Алијанса за Албанците“, на потег Управниот суд

Партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците до Управниот суд достави кривична пријава против предизборната коалиција “Алијанса за Албанците НДП- Унитети“ поради спорот за употреба на исто име и амблем на избирачките листи.

Управниот суд има рок од 48 часа од моментот на доставување на пријавата да ја разгледа и да даде мислење за неа. Од друга страна, Весел Мемеди од НДП вели дека нема да се откаже од името, бојата и логото на партијата и повтори оти на локалните избори ќе настапат со истиот симбол. Пред некој ден партијата на Села и од ДИК побара да го разгледа ова прашање, но оттаму рекоа дека тоа не е во нивна надлежност. Од ДИК велат дека за нив именувањето од двете страни со исто име не претставува правна пречка и оти за ДИК тоа е прифатливо. Инаку, партијата Алијансата за Албанците на Зијадин Села е регистрирана на 7 септември 2017, со адреса воТетово, додека коалицијата Алијанса за Албанците е регистрирана на седум денови подоцна, односно на 14 септември со адреса во Чаир. Инаку, на ланските парламентарни избори, ДР-ДПА, НДП и УНИТЕТИ настапија заедно како предизборна коалиција со името Алијанса за Албанците и успеаја да обезбедат само три пратенички места. Предизборната кампања за претстојните локални избори почнува в понеделник, а ќе трае до 13 октомври. Првиот круг е на 15 истиот месец, а вториот круг на 29 октомври.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top