Амбасадата на Република Македонија во Канбера на сите Македонци во Австралија им го честита 8-ми септември

Соопштение до сите Македонци.

Амбасадата на Република Македонија во Канбера на сите Македонци во Австралија им го честита најголемиот празник за секој еден Македонец во светот Денот на независноста на Република Македонија.

Велам најголемиот македонски празник бидејќи заедно со Илинден денешниот ден е сублимат на се она што значи да си Македонец, на македонската борба, страдања но пред се идеалите за една слободна, независна и суверена држава, држава на македонците и македонскиот народ, реализација на милениумскиот сон на сите македонци, каде и да се во светот.

Денес ние македонците ги славиме и пренесуваме транседентните вредности и принципи врежани во македонскиот генетски код, низ генерации на страдање, неправди но пред се непокор и нескршливост на македонскиот дух.

Денес е ден кога, погледнуваме кон минатото и се сеќаваме, се сеќаваме на 1903та на Илинденското востание, на Крушевската република, на хероите Гоце, Питу, Даме и на нивните идеали дека „светот го разбираат како поле за културен натпревар помеѓу народите“ кои иако живееја под ова начело, кога беше потребно за слободата на Македонија го зедоа оружјето и ја платија ултимативната цена за слободата на Македонија, но со својата крв и пример го насадија никулецот на непокорот и желбата да се биде свој во својата држава.

Денес се сеќаваме и на 1944 и манастирот Прохор Пчињски, на Ченто, на Брашнаров, времето во кое беа удрени темелите на современата Македонска држава.

Но денес ние Македонците се погледнуваме себе си, кои сме, што сме, што ние носиме и сме подариле на овој свет. Ние сме горд народ, народ со милениумска традиција и историја. Секоја педа од нашата држава е со крв и солзи исплатена илјадакратно.

Никогаш не треба да заборавиме дека идеологијата за космополитенството потекнува од Македонија, светот сме го разбирале како поле за културен натпревар во времето на Александар и Филип, преку светите браќа Кирил и Методиј и хероите од Илинден и АСНОМ. Ние Македонците својот печат на овој свет не го ставаме преку тиранија, преку воена или економска надмоќ, туку преку нашата културно уметничка супремација. Нашите песни, нашите ора и традиции се едни и единствени и неповторливи. Затоа ние Македонците сме уникатни и неповторливи.

Денес сите ние каде и да сме во светот имаме своја голема борба, борба која е исто значајна како и борбата на доајените кои ги споменав. Тоа е борбата на идните генерации млади луѓе, родени надвор од Македонија, да им ја пренесеме љубовта и чуството на припадност кон Македонија. Гордост е да се биде Македонец, пренесете им ги идеалите на Илинденците, пренесете им ја историјата и љубовта која вие секојдневно ја чуствувате за својата земја.

Нека ни е честит Денот на независноста, да ни е вечна Македонија!



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top