Америка му спрема на Асанж 175 години затвор

Министерството за правда на САД го засили случајот против основачот на Викиликс со изменето обвинение, кое изнесува нови докази дека Џулијан Асанж активно регрутирал хакери за компјутерски упади..

Според РСЕ, обвинителите на тој начин се обидуваат да докажат дека тој не се однесувал како новинар или издавач, туку како хакер во кршење на Законот за шпионажа, за кој би можел да биде осуден на максимум 175 години затвор.

Основачот на „Викиликс“ ковал завера со хакери поврзани со групите „Анонимни“ и „Лулсек“, за кои постои сомнение дека извршиле бројни сајбер напади низ целиот свет, според ажурираното обвинение на американското Министерство за правда, пишува „Блумберг“.

Асанж, кој е во притвор во Велика Британија поради барање за екстрадиција во САД, му дал на водачот на „Лулсек“ список на цели што треба да бидат пробиени во 2012 година, кажувајќи му на лицето дека највлијателен од хакираниот материјал ќе биде од ЦИА и НСА, соопшти е Министерството за правда на САД, забележувајќи дека водачот на „Лулсек“ во тоа време соработувал со ФБИ.

Во јуни 2019 година, Соединетите Американски држави го обвинија Асанж дека ја загрозува националната безбедност поради заговор за добивање и откривање на класифицирани информации. „Блумберг“ посочува дека ажурираното обвинение објавено во среда, 24 јуни, сè уште има 18 точки, вклучувајќи 17 обвиненија за шпионажа и едно за хакирање на владината компјутерска мрежа.

Според изменетото обвинение на американското судство, основачот на „Викиликс“ барал хакери на конференции во Европа и Азија, кои би можеле да добијат тајни информации што ќе ги објави на својата веб-страница, а тој бил во заговор со членовите на хакерските организации, пишува „АП“.

Работел и со 17-годишен хакер, кој му дал информација украдена од банка и му наложил на тинејџерот да украде дополнителен материјал – аудио записи на високи владини функционери, велат обвинителите.

Асанж тврди дека делува како новинар, кој има право на заштита согласно Првиот амандман, посочува „АП“, додавајќи дека неговите адвокати тврдат дека обвинувањата за шпионажа и компјутерска злоупотреба се политички мотивирани.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top