Америка на прво место среде Обединетите нации

Чамците веќе патролираат, безбедноста се зајакнува, а њујоршката населба Тртл Беј на големо се оградува од остатокот од Менхетн, со граница обележена со бетонски блокови, метални огради и со армија полицајци..

Време е за годишниот панаѓур на глобалната дипломатија, кога заседава Генералното собрание на Обединетите нации. Ова е недела за дипломатија лице в лице, а не преку Твитер. Речиси 130 шефа на држави и на влади се собираат во ОН во Њујорк, што уште еднаш ја покажува обединувачката моќ на оваа глобална институција.

Сепак, неделава неизбежно ќе доминира враќањето во ОН на њујоршкиот тајкун за недвижнини, кој ја изгради својата империја само неколку блока подалеку на Петтата авенија и кој пред да влезе во Белата куќа, сакаше да го реновира седиштето на светската организација со договор вреден милијарди долари. Доналд Трамп ќе го има својот втор настап во ОН, но не само што ќе говори на говорницата во Генералното собрание, пред „евтините“ зелени мермерни плочи, како што еднаш самиот ги нарече, туку и ќе претседава со Советот за безбедност на ОН на познатата маса во форма на потковица. Според распоредот, ротирачкото претседателство месецов е во рацете на САД, а Трамп утре ќе го преводи состанокот на Советот за безбедност на ОН, посочува Би-би-си.

Администрацијата на Трамп првично сакаше да се фокусира само на Иран, но постои можност за изолација на САД во Советот поради едностраното повлекување од иранскиот нуклеарен договор. Затоа, агендата е проширена на поопштата тема за „ширење на оружјето за масовно уништување“, веројатно за да се избегне можноста други потписнички на договорот, како Британија или Франција, отворено да го критикуваат Трамп за повлекување од договорот што Советот едногласно го поддржа во 2015 година. Можеби таа белешка некој ја тргнал од масата на Трамп, како што тврди новинарот Боб Вудворд дека прават соработниците на претседателот во Белата куќа, или можеби тој едноставно решил да ја игнорира, бидејќи на Твитер веќе објави дека ќе го предводи состанокот на Советот и дека главна тема ќе биде Иран. Обично, отворените состаноци на Советот се водат според прецизно сценарио, а од претседавачот се очекува да се придржува до досадна официјална форма, па затоа ќе биде интересно да се види како Трамп ќе се однесува и дали ќе отстапи од нормите. Советот за безбедност на ОН има одредена филмска сценографија и тоа е тело со кое меѓународната дипломатија најмногу се приближува до корпоративниот свет, а Трамп сака токму таква сцена. Тој главно се држи до протоколот кога станува збор за средби исполнети со историско значење, но ако се суди според неговите последни објави на Твитер, Трамп сега е во борбено расположение.

Тешко е да се замисли Трамп да одржи уште позапалив говор пред Генералното собрание од тој пред една година. Во своето деби во ОН, тој се закани дека ќе ја избрише Северна Кореја, која исто така е членка на глобалната организација, од картата на светот. Во говорот што многу потсетуваше на неговите тиради на Твитер, Трамп се потсмеваше со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун и го нарекуваше „човек-ракета“. Пред една година, војната со Северна Кореја беше многу поверојатна. Но односите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг драматично се подобрени, особено по средбата меѓу Трамп и Ким.

Наместо кон Северна Кореја, жестоката реторика на Трамп сега може да биде насочена кон Иран. Сепак, претседателот на САД годинава ќе се обраќа кон уште поскептична публика во Генералното собрание. Неговата одлука да ја премести американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим предизвика лавина критики од многу земјите-членки на ОН. Истовремено, во ОН постои силна поддршка за иранскиот нуклеарен договор од кој се повлекоа САД. Не помага ниту фактот што Трамп реши да се повлече и од парискиот климатски договор, а во меѓувреме поведе и трговски војни против Кина, ЕУ, Канада и други. Згора на тоа, Трамп ги прекори сојузниците во НАТО дека треба да плаќаат повеќе, а одби и да го потпише заедничкото коминике од самитот на Г7 во Канада. За многу слушатели во салата на ОН, паролата на Трамп „Америка на прво место“, всушност, значи „изолирана Америка“.

Што ќе каже Трамп, пак, за самите ОН и за меѓународниот поредок заснован на правила што беа дизајнирани за да ја институционализираат светската организација? Во седиштето на ОН веќе кружи вицот дека најважната мировна мисија на ОН сега е насочена кон Белата куќа. Таа мисија веќе наиде на проблеми. Трамп главно избегнува да ги напаѓа ОН на Твитер (за разлика од, на пример, НАТО или СТО). Сепак, администрацијата на Трамп ѝ нанесе тешки удари на организацијата за чие основање Америка имаше клучна улога и за која обезбедува 22 отсто финансиите. САД под Трамп се повлекоа од Советот за човекови права на ОН, УНЕСКО и од Парискиот договор за климатски промени, а ги укинаа финансиите за Агенцијата за помош на Палестина, Фондот за население на ОН, за неколку мировни мисии. САД одбија да потпишат и договор за миграција, а неодамна му се заканија со санкции на Меѓународниот кривичен суд ако гони Американци за воени злосторства. Исто така, Трамп и неговата администрација постојано се жалат дека светската организација и нејзините агенции имаат предрасуди кон Израел.
Трамп во говорот во Генералното собрание се очекува да го истакне американскиот суверенитет и да порача дека неговата држава нема да биде обврзана со мандатот на ОН.

– Секогаш на прво место ќе биде волјата на американскиот народ, а не волјата на меѓународната заедница – посочи американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, најавувајќи го говорот на Трамп.
Во таква ситуација би можело да се очекува говор во кој ќе биде потврдена максимата „Америка на прво место“, одржан од претседател што во својот втор мандат продолжува да се води од сопствените емоции и националистички инстинкти, особено за прашањата како што се трговијата или Иран.

Од друга страна, пак, тврдењата во почетокот на мандатот на Трамп дека тој претставува егзистенцијална закана за ОН се покажаа како претерани. Неговиот престој во Белата куќа досега не предизвика толку голема штета како што претпоставуваше, а и тврдокорната амбасадорка Хејли ублажи голем дел од острите позиции. Дури и најголемите приврзаници на мотото „Америка на прво место“ се согласни дека во некои области мора да има глобална соработка, бидејќи многу од проблемите имаат наднационална природа. Тоа го објаснува и првиот настан во ОН на кој ќе биде домаќин Трамп, а тоа е средбата за борба против глобалната трговија со наркотици, на која ќе учествуваат над 120 земји. Унилатералистите признаваат дека имаат потреба од мултилатерални партнери за решавање некои глобални прашања, особено ако тие се многу важни за домашните гласачи, кои би можеле да ги казнат на наредните избори.

Дали Трамп повторно ќе биде Трамп во ОН или претседателот што се води од мотото „Америка на прво место“ овој пат ќе ги почитува повеќе дипломатските норми во куќата на мултилатерализмот? Каков и да биде исходот, амбасадорката Хејли веќе предвидува најголеми ТВ-рејтинзи досега за состанокот на Советот за безбедност на ОН, што сигурно многу ќе го развесели нејзиниот шеф Трамп.

Извор: Нова Македонија


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top