Американскиот долг достигна над 17 билиони долари

Конгресмените имаат рок до декември да постигнат договор за буџетот.

Долгот на САД за само еден ден се заголеми за неверојатни 328 милијарди долари, со што според податоците на американското Министерство за финансии, достигна вкупно 17,075 билиони долари.

Причина за ова драстично зголемување на долгот е тоа што Министерсвото не го пресметуваше новото ниво на задолжување уште од мај годинава, кога САД првпат го достигнаа законскиот лимит од 16,7 билиони долари долг.

По договорот, постигнат во средата вечер во Конгресот, со кој долгот да може непречено да се зголемува до почетокот на февруари, Министрството за финансии ги објави новите бројки, за целиот долг кој бил акумулиран во периодот од мај до октомври.

Доколку продолжи ова темпо на задолжување, долгот ќе порасне до 17,4 билиони долари до февруари, кога американските конгресмени повторно ќе се соочат со ограничувања на долгот.

Долгот на САД почна галопирачки да се зголемува во изминатите десет години, а особено по економската криза во 2008 година. Долгот порасна од шест билиони во 2003 година, на 7,8 билиони во 2008 година, па до сегашните 17 билиони, а секоја година дефицитот изнесува околу еден билион долари.

Конгресмените имаат рок до декември да постигнат договор за буџетот за новата фискалната година што почна на 1 октомври, бидејќи во спротивно им се заканува повторување на блокадите од изминатите две недели.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top