Американскиот министер за одбрана: Ќе го спречиме Иран во производството на нуклеарно оружје

Соединетите Држави со своите сојузници и понатаму ќе настојуваат да го спречат режимот во Техеран да се добере до нуклеарно оружје, кажа денеска американскиот министер за одбрана Џим Матис, еден ден откако претседателот Доналд Трамп го објави повлекувањето.

„Ќе продолжиме да дејствуваме со нашите сојузници и партнери за да бидеме сигурни дека Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје, а ќе соработуваме и со другите за да спречиме цела низа злобни влијанија на Иран“, кажа Матис во Сенатот.

„Оваа влада останува верна на својата цел – дека безбедноста, интересите и благосостојбата на нашите граѓани се на прво место“, порача Матис. 

Трамп во вторникот навечер го објави повлекувањето на Соединетите Држави од нуклеарниот договор со Иран, кој го нарече „катастрофален“, и најави обновување на санкциите против Техеран. 

„Објавувам денес дека Соединетите Држави ќе се повлечат од иранскиот нуклеарен договор“, изјави Трамп во телевизискиот пренос од Белата куќа и најави воведување економски санкции од највисоко ниво. 

Матис кажа дека решението на Трамп за повлекување од договорот не беше избрзано и дека претседателот не можел да се увери, како што барал, дека Иран го почитува договорот со светските сили.

„Мислам дека ова е можност да тргнеме напред, да се позанимаваме со недостатоците на договорот и да го направиме позадолжителен“, истакна министерот за одбрана.

Велика Британија, Германија и Франција изразија жалење поради решението на Соединетите Држави за повлекување од договорот со Иран и го повикаа Вашингтон да не презема чекори со кои ќе им го отежне животот на другите земји, кои уште сакаат да останат приврзани кон нуклеарниот договор. 

Францускиот претседател Емануел Макрон, зборувајќи и во име на своите две европски партнерки со кои разговараше во вторникот навечер, го стави на маса својот предлог за преговарање за нов договор со Техеран, кој би требало да ги отстрани причините за американската загриженост. 

„Заедно ќе работиме на поголема рамка, која ќе ја покрива нуклеарната активност, периодот по 2025 година, балистичките ракети и стабилноста на Блискиот Исток, особено во Сирија, Јемен и Ирак“, напиша францускиот претседател. 

Одлуката на Трамп веднаш ја поздрави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а наиде и на одобрување на некои арапски земји, меѓу нив и на Саудиска Арабија.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top