Анчелоти му го украде долгоочекуваното засилување на Мурињо

Мурињо го чекаше со месеци, а на крајот ќе заврши кај Карло Анчелоти..

Централниот играч за врска Пјер Емил Хојбјерг од Саутемптон ќе биде првото големо засилување на Евертон ова лето. Клубот од „Гудисон Парк“ вчера постигна договор со Саутемптон и играчот за трансфер тежок 25.000.000 фунти и се очекува трансферот во следните денови да биде и официјално потврден.

Уште во зимскиот преоден рок Хојбјерг беше голема желба на Жозе Мурињо во Тотенхем, но Саутемптон ни под разно не сакаше да го продаде. Иако знаеше дека тоа ќе мора да го направи ова лето, бидејќи договорот на данскиот играч за врска истекува во јуни 2021 година. Тој минатото лето одби да го продолжи договорот што го чинеше губење на капитенската лента, но беше одлучен во намерата да прејде во некој посилен клуб по четири години минати на југот од Англија.

Со оглед на ситуацијата со договорот, Мурињо уште зимоска се надеваше дека ќе го добие, а беше убеден дека сигурно ќе успее ова лето. За мали пари. Меѓутоа, не сметаше дека првиот човек Даниел Леви ќе биде скржав со обештетувањето.

На Евертон не му сметаше да ја плати бараната сума бидејќи веќе некое време се расфрла со пари и по првата понуда од 18.000.000 фунти која е одбиена, вчера ја испратиле втората која ги задоволи „Светците“. Потоа Хојбјерг брзо ги договори личните услови со „Карамелите“. синоќа ги посети просториите на клубот од Ливерпул и треба да се очекува наскоро трансферот да биде официјално потврден.

Хојбјерг во сениорскиот фудбал дебитираше во Баерн Минхен каде пристигна со 17 години. Беше најмлад бундеслигашки дебитант во историјата на Баерн кога Јуп Хајкенс му даде шанса. Беше на позајмици во Аугзбург и Шалке, но не беше по вкусот на Пеп Гвардиола и беше продаден во Саутемптон за 15.000.000 евра. За четири години одигра преку 130 натпревари за „Светците“, беше и капитен и на крајот ќе им донесе заработка.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top