Анѓушев: Бизнисмените да препознаат дека е време за инвестиции

Со предвидените мерки во владиниот План за економски раст, бизнисмените треба да препознаат дека е време за инвестиции, истакна вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на денешната средба со кумановските стопанственици..

Според Анѓушев, пари во Буџетот за помош на стопанството се определени, направена е програма за поддршка на компаниите, а дел ќе се преточи во закон. Планот, како што потенцираше, предвидува поддршка за сите компании, има многу мерки, достапни се на веб страните на официјалните владини институции, аплицирањето ќе биде едноставно, фирмите ќе треба да достават завршна сметка, а малите и средните претпријатија да опишат краток бизнис план.

Кумановските бизнисмени побараа промена на законска регулатива за која истакнаа дека во одредени делови е застарана, а како пример го посочија Законот за царина. Побараа и измена на субвенциите при вработување на постоечкиот опфат на повеќе категории невработени. Потребна им е поддршка од Владата и за зголемување на грејс-периодот за враќање на кредитите, со цел нови инвестиции и повеќе вработувања, поддршка при извоз, но и подобра инфраструктура.

Вцепремиерот одговори дека одредени закони се застарени и штитат одредени индустрии кои веќе не работат и, како што најави, ќе се обидат да делуваат преку промена на законот.

– Што се однесува до кредитите преговараме со Европска Инвестициска Банка да дадат 100 милиони евра нови пари кои ќе ги пуштиме во стопанството. На банките им поставувам два услова, првиот каматата наместо 4 проценти до крајни корисници да биде 4, 1 процент, а втората е да има најмалку година дена грејс период и најмалку 8 до 10 години отплата, рече Анѓушев.

Градоначалникот, Максим Димитриевски рече дека ќе инвестираат во локалната инфраструктура, но побара и општествена одговорност од компаниите, нагласувајќи дека дел од проектите во Куманово се реализирани со поддршка на бизнис заедницата.

Појансувајќи ги клучните услови за користење на мерките, вицепремиерот рече дека компаниите треба да имаат поголем приход во  2017.та  во споредба со просекот од претходните три години, фирмите да не го намалиле бројот на вработени со просекот од претходните три, новите компании, пак ќе споредуваат со нула и ќе добијат поголем просек.

– Ќе добијат десет проценти од инвестицијата, ако се извозно ориентирани, тогаш ќе добијат 20 проценти, ако платата е над 18.000 денари, ќе добијат 20 проценти од платата, притоа ако фирмата е нова тогаш 75 проценти од нововработените, треба претходно да биле три месеци без работа или директно преземени од образовен процес или да бидат преземени од администрација или од фирма која била во стечај или ликвидација, рече вицепремиерот.

Во третиот столб каде што се аплицира, како што додаде, предвидени се и други мерки. Ако се воведе нов производ, 70 проценти од цената од трошокот за развој на производот ќе ја покрие државата, со што компаниите ќе станат конкурентни. За млади брзорастечки компании, покрај 10-те проценти предвидени во законот, се враќаат 30 проценти од инвестицијата.Има предвидено  мерки и за старт ап компании каде државата ќе даде од 20 до 25 проценти од капиталот за да се купи опрема.

– Целта е да ги дадеме парите, но да сме сигурни дека ќе бидат потрошени како што треба, рече вицепремиерот, повикувајќи ги компаниите да се обратат за кои било прашања.

На средбата со бизнисмените присуствуваа и министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска и министерот за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top