Анѓушев: Откочени крупните проекти во инфраструктурата

Владата најави интензивирање на изградбата на гасоводот догодина со 80 насто повисок буџет за гасификацијата..

Но, иако од граѓанскиот сектор досега немаше сигнали дека проблемот со трасата што минува низ Водно е надминат, вицепремирот Кочо Анѓушев и натаму тврди дека уништувањето на шумата е сведено на минимум.

„Се разбира невладините организации и еколошките здруженија можат да прават активности какви што тие ценат дека треба да ги прават, но јас ги повикувам и замолувам да имаат разборање за стратешниот пристап на Владата и за стратешката важност на овој проект“, рече Анѓушев.

За разлика од помалите трошоци на министрите годинава кои Владата постојано ги нагласуваше, во буџетот за 2019-та има повеќе пари за нивните непродуктивни трошоци. Ставката за стоки и услуги е 320 милиони евра што е за 33 милони повеќе од годинава. Во оваа сума има и повеќе пари за мебел и за возила.

„Возилата пред се се наменети за капацитетот на инспекциските служби бидејќи не можете вие да имате еколошки инспектори кои немаат со што да отидат на терен, не можете да имате пазарни инспектори кои немаат со што да отидат низ целата држава и да воспостават контрола“, додава Анѓушев.

Иако беше најавено „кастрење“ на администрацијата, догодина за привремени вработувања буџетот е речиси двојно поголем. Анѓушев објасни дека ќе бидат отпуштани неквалитетните кадри, а новите привремени вработувања ќе бидат можност да се докаже професионалноста за да се стигне до трајно вработување во администрацијата.

Пописот е најавен за 2020-та година, но институциите ќе се подготвуваат уште од догодина. Речиси двојно зголемен буџет ќе има и Државниот завод за статистика. Но, од Заводот веќе објаснија дека ќе требаат пари за до тогаш да ги зајакнат своите капацитети.

За ВМРО ДПМНЕ новиот, како што велат, мегаломански буџет претставува грабеж на граѓаните, со нови, зголемени давачки и казни кои власта ќе ги троши за сопствен луксуз и богатење.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top