Антикорупциска следната година ќе ги проверува судиите и обвинителите

Антикорупциската комисија од наредната година ќе ја испитува имотната состојба и судирот на интереси на судиите и обвинителите..

Оттаму велат дека планот за проверки каде што има сомнежи веќе е скроен, но иако имаат волја за големата операција, се жалат на ограничени кадровски и технички ресурси. Бараат и соработка со останатите истражни органи.

-Испитувањето на имотната состојба е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување  потребно е зајакнување на постојните човечки и  материјално – технички услови и  вклучување на други истражни органи, велат од ДКСК

Нивните анализи покажале дека правосудството подлежи на корупција, па затоа се одлучиле на ваков чекор.

Антикорупционерите бараат и конкретен план за распределба на работата, бидејќи велат бројките не се мали. Се работи за околу 600 судии, плус поротници и обвинители.

Откако премиерот Заев побара во проверките да се вклучат и другите судско-обвинителски тела, се пожалија и од Судскиот совет кои велат дека работат во неполн состав, а сепак постапуваат по барањата кои биле доставени до нив.

-Од влегувањето во сила на новиот Законот за Судски совет од 30 мај 2019 година, поднесени се барања за утврдување на одговорност за вкупно 58 судии. Во текот на 2019та, Судскиот совет разреши еден претседател на суд и двајца судии, а во тек е постапка по извештаите на Комисиите на известители, велат од судскиот совет.

Освен за судии и обвинители, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, денес предложи да се преиспита имотната состојба и на политичарите и на функциониерите.

 -Ние ќе предложиме проверка за потекло на имотот на политичарите и оние кои се обогатија на грбот на народот. Јас ќе ги повикам инстутициите прв мене да ме проверат, па Заев и неговото семејство, вели Мицкоски.

Одговор на прашањето дали и каде има корупција и непрофесионализам во судовите и обвинителствата, власта најави дека детално ќе се знае по ветингот кој би се спроведил по изборите напролет.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top