„Apple“ се извини поради забавените „ајфони“ и понуди поевтини батерии

Јавните извинувања не се нешто по што е позната компанијата „Apple“, но технолошкиот гигант овој пат им се извини на потрошувачите во врска со аферата поради која веќе му се заканува колективна тужба..

Како што призна и самата компанија, софтверските ажурирања ги правеле побавни постарите модели „ајфон“ со цел да не се оптоваруваат нивните дотрајани батерии, но за тоа воопшто не биле информирани корисниците сè додека некои од нив не сфатиле дека со замена на батериите нивните постари телефони повторно се враќаат во нормална брзина.

Како што се наведува во тужбите поднесени во американските судови, „Apple“ на некој начин ја прикривал вистината од корисниците на „ајфон“, со тоа што не ги информирал дека новите ажурирања ќе влијаат врз работата на уредите со цел да се ублажи проблемот со искористените батерии. Оштетените клиенти сметаат дека со тоа некои од сопствениците на постри „ајфони“ во изминатата година биле принудени да купат нов уред бидејќи не знаеле дека проблемот има и поевтино решение, односно набавка на нова батерија.

Затоа, како што велат критичарите, ова извинување од страна на „Apple“ и намалувањето на цената на новите батерии е нешто на што компанијата едноставно била принудена со цел да ги санира евентуалните поголеми штети. В година, се вели во соопштението на компанијата, корисниците ќе бидат во можност да ги заменат батериите по цена од 29 долари наместо од 79, колку што досега изнесуваа трошоците за замена. Исто така, за почетокот на следната година се најавува ново ажурирање на оперативниот систем „iOS“, кој на корисниците ќе им дава подобар увид во состојбата на батеријата, со цел да можат самите да утврдат дали таа влијае врз перформансите на телефонот.

Инаку, еве што конкретно вели „Apple“ во врска со своето необично, иако за некои и недоволно искрено извинување:

„Свесни сме за реакциите на нашите корисници во врска со начинот на кој го решававме проблемот со перформансите на уредите „ајфон“ со постари батерии и начинот на нашата комуникација при тој процес. Знаеме дека некои од вас се чувствуваат измамени од страна на „Apple“. Се извинуваме поради тоа. Имаше многу недоразбирања во врска со овој проблем, па затоа сега сакаме да ве запознаеме и да ги разјасниме промените на кои работиме“.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top