Apple своите Ајфони повеќе нема да ги произведува во Кина?

Apple донесе одлука која што би требало да го пресели производството на премиум моделите на Ајфон во Индија..

Претставници на американскиот технолошки гигант би требало да се сретнат со индиските власти и да разговараат за плановите на Apple за производство на премиум моделите на своите паметни телефони во оваа земја.

Според достапните информации, производството на најскапите модели на Ајфон во Индија ќе го спроведува компанијата Foxconn, а не Wilstron, компанија која што моментално е задолжена за склопување на моделите на Ајфон во оваа земја.

Целата операција би требало да биде сместена во јужната држава Тамил Наду, каде што Foxconn веќе има производни линии за други производи. Компанијата во своето производство ќе вложи дополнителни 356 милиони долари за изградба на фабрики во кои што ќе се произведуваат премиум моделите на Ајфон за Apple.

Apple моментално држи многу мал дел од пазарот за производство на паметни телефони во Индија и производството пред се е фокусирано на поевтините модели на Ајфон како што се iPhone SE и iPhone 6S кои што ги произведува Wilstron.

Една од причините за овој потег може да биде одлуката на Apple да се обезбеди од несигурната иднина која што е во најава поради трговската војна на САД со Кина, така што ќе се зголеми производството на Ајфон во другите земји и така ќе се заобиколат увозните царини за производите кои што доаѓаат од оваа земја.

Инаку, како што пренесуваат американските медиуми, во прилог на тоа одат и гласините според кои Apple планира да го пресели комплетното производство од Кина, доколку царините достигнат 25%.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top