АРЕНАТА ПОД КЛУЧ: УЕФА незадоволна од теренот

Поради лошата состојба во која се наоѓа теренот и неговата преоптовареност, најголемиот македонски стадион ќе биде затворен на неодредено време.

Беше очекувано Националната арена да биде затворена поради реновирање, посебно годинава кога во Скопје ќе се игра европскиот Суперкуп. Сега се „шминка“ нашиот најголем стадион и се подготвува за тој натпревар. Како што одминува времето, така е сѐ појасно дека арената сè помалку и помалку ќе се користи.

Тоа значи редуцирање на бројот на натпревари, што ќе биде малку проблематично бидејќи на неа играат два прволигаши, се играат и квалификациски натпревари на македонскиот национален тим, но и пријателски. Сето тоа е поткрепено претходно и со тренинзи, особено на репрезентациите, придонесува за теренот да биде сè полош и полош, особено ако се знае дека пред само два месеца беше и под голема снежна покривка, „преживеа“ и големи минусни температури, па кога се почна да се игра на него, ситуацијата стануваше сè поалармантна.

Како што е познато, инспекции на УЕФА во изминатите неколку дена беа во посета на Скопје каде што ги надгледува ситуациите со градот домаќин на европскиот Суперкуп. Стадионот мина низ неколку инспекции. Тоа што се прави на трибините е речиси готово, меѓутоа кога инспекцијата го видела теренот прокоментирала со еден збор - катастрофа. Челниците не биле задоволни од ситуацијата на теренот, па оттука наредиле да биде итно затворен и да се сочува за спектаклот во август, објави Македонски спорт.

Сега, бидејќи не може да се земе нов терен, ќе мора постоечкиот да се сочува некако во следните месеци. Оттука се планирани две варијанти, а едната ќе биде донесена сигурно. Можно е натпреварот со Белорусија на македонската репрезентација на 28 март да биде последниот што ќе се игра на Арената, а во следните два месеци да нема никакви активности на него.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top