(АУДИО) Мицкоски му се жали на Кичеец: Јас се борам СЈО и „Империја“ да не поминат, а „жртвите“ се вљубуваат во Заев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има забелешки за односот кон него на Сашо Мијалков, еден од осомничените во „Империја“ на СЈО, покрај бизнисменот Орце Камчев..

Мицкоски посочува дека Мијалков го плукал, дека правел театри „преку некои негови испрдоци од типот на Геровски и слични, Сашо Ордановски…“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му се жали на Зоран Милески-Кичеец, еден од осудените во „Рекет“, дека тој се бори да не поминат СЈО и предметот „Империја“, а „жртвите“, како што вели, имаат Стокхолмски синдром и се вљубуваат во лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Вакви реплики се слушаат во новите снимки од разговорот меѓу Мицкоски и Кичеец, објавени на јутјуб-каналот „Рекет“. На средбата е присутна и Слободанка Алексовска, ексдиректорка на Агенцијата за вработување во Скопје, а сега директорка за човечки ресурси во „Аџибадем Систина“.

Поконкретно, Мицкоски се жали на однесувањето на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, кој е меѓу осомничените во предметот „Империја“ кој го отвори СЈО, покрај бизнисменот Орце Камчев.

Мицкоски посочува дека Мијалков го плукал, дека правел театри „преку некои негови испрдоци од типот на Геровски и слични, Сашо Ордановски“ и дека му пишувал писма (кога поранешниот директор на УБК беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ поради наводна логистика за време на референдумот за името и донесувањето на уставните измени).

„Јас за ова зборувам повеќе за Сашовци-машовци. Сега он пишуваше писма, фејсбуци, ме плукаше, правеше театар за јавноста преку некои негови испрдоци од типот на Геровски и слични, Сашо Ордановски… И сега, јас се борам ваквото СЈО да не помине, автоматски неговиот најголем предмет тоа е ‘Империја’…“,

вели Христијан Мицкоски, во еден од објавените разговори со Зоран Милески-Кичеец.

Во вториот објавен разговор со име „Рекет 6“, најверојатно зборувајќи за преговорите што се водеа меѓу партиите за новиот Закон за јавно обвинителство, со кој се регулира и статусот на СЈО, Мицкоски посочува дека ставовите на опозицијата се принципиелни, а дека тој е единствениот што се бори за сите случаи. На тоа Кичеец му одговара: „Кај вас се сите џокери“.

„Да, ама ова изгледа малку мазохистички. Ем те тепаат ем имаат очекувања од мене. Се вљубија во Зоран Заев. Сега тој е добриот, а тој сака ова вака да помине за и понатаму да ги уценува, а јас што се борам за нив, против нив, ме тепаат“,

одговара Мицкоски.

Мицкоски потоа вели дека сѐ ќе биде поинаку по 21 април, најверојатно алудирајќи на првиот круг од ланските претседателски избори, додека аферата „Рекет“ беше објавена веднаш по овие избори.

Во изминатите неколку дена, од истиот анонимен корисник на Јутјуб, на каналот „Рекет“ беа објавени уште четири разговори. Првичниот впечаток е дека сите потекнуваат од иста средба на која присуствуваат Мицкоски, Милески и Алексовска.

Во последниот објавен разговор пред денешните, Мицкоски споделува дека Мијалков давал донации за автобуси при организацијата на минатогодишните протести на опозицијата во Скопје.

Во разговорот објавен на 27 јуни, пак, е јасно дека на ВМРО-ДПМНЕ откако е во опозиција ѝ помагал и Орце Камчев, а Мицкоски и таму зборува дека само тој се бори против истрагите на СЈО, вклучувајќи го и „тој предмет“ против Камчев.

„Инаку, таму не е решена работата, да знаете. Затоа што овој закон, ако помине вака како што мислат да помине за јавно обвинителство, тој предмет не е завршен. Напротив. Да знаете. Единствен којшто се бори во моментов сум јас“,

вели Мицкоски во разговорот „Рекет 2“.

Во вчерашната дебата меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев го обвини Христијан Мицкоски дека го опструирал Законот за јавно обвинителство, кој се однесуваше на судбината и на СЈО и на истрагите на тоа обвинителство поради „долг“ кон Камчев.

По повод стапувањето во сила на новиот Закон за јавно обвинителство, во интервју за МИА, јавниот обвинител Љубомир Јовески вети дека обвинителството нема да ја повтори грешката да не постапува по одредени предмети.




Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top