Авионот кој ги превезува германските политичари слета од писта во Берлин

Еден помал авион на германските воздухопловни сили (Луфтвафе), кој служи за превоз на членовите на влада, е оштетен при принудно слетување на берлинскиот аеродром Шонефелд, поради што аеродромот со часови беше затворен за сообраќај..

„Еден авион е оштетен при слетувањето на Шонефелд. Во авионот немаше патници, а екипажот е на медицинска проверка“, порача Луфтвафе преку Твитер.

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен порача дека екипажот со својата присебност „спречил несреќа“.

„Авионот е приземјен под најтешки услови и со тоа беше спречена несреќа од поголеми размери“, соопшти Фон дер Лејен.

Авионот „глобал 5000“, кој може да прими до 19 патници, бил на пат кон базата на аеродромот Келн/Бон по одржувањето во Шонефелд, но веднаш по полетувањето поради дефект се вратил во Берлин. При слетувањето авионот со двете крила го допрел тлото, по што слетал од пистата.

Потоа аеродромот Шонефелд беше затворен на неколку часа, а останатите авиони беа пренасочувани на другиот берлински аеродром Тегел, што поради предвелигденскиот бран на патници предизвика хаос на двата аеродроми.

Денешниот инцидент е најновиот во низата дефекти на авионите со кои се превезуваат членовите на германската влада.

Поради бројните дефекти членовите на владата често беа приморани да ги менуваат плановите, а канцеларката Ангела Меркел поради дефект на авионот минатата година го пропушти поголемиот дел од самитот Г20 во Аргентина.

Луфтвафе за потребите на членовите на владата и претседателот на Германија има 14 авиони, од кои повеќето се постари од 10 години.

Минатата недела Будестагот одобри купување три нови патнички авиони за потребите на политичарите.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top