Авионот на Орбан одлетал во Белград, ден откако Груевски побара азил

Приватниот авион на Виктор Орбан иако половина месец бил паркиран во Виена одлетал во Будимпешта, а потоа во Белград и назад, ден откако Груевски објави дека бара азил во Унгарија – објавува унгарскиот портал „Атлацо“..

Луксузниот приватен лет користен од унгарската владејачка и бизнис елита беше паркиран во Виена од почетокот на октомври. Авионот регистриран како ОЕ-LEM, по неколку месеци одмор на едно место, одлета од Виена рано во вторникот и слета во Будимпешта. Набрзо потоа повторно одлета, овој пат во Белград, а потоа се врати во Будимпешта. Летот во Белград се случил ден по објавувањето на македонскиот поранешен премиер Никола Груевски дека ќе бара азил во Унгарија.

Атлацо објави во септември дека владејачката елита од Унгарија, вклучувајќи го и премиерот Виктор Орбан користи сосема нов лукзусен приватен авион вреден 53 милиони евра. Сопственоста на авионот е нејасна, а е регистриран во Австрија.

Луксузниот авион полетал од Виена и слетал во Будимпешта нешто пред 6 часот и 30 минути утрото, а повторно полетал во 8 часот истото утро, овој пат упатувајќи се кон Белград. Во Белград пристигнал за триесетина минути, а тргнал назад кон Будимпешта попладнето и пристигнал таму нешто пред 16 часот. Од тогаш авионот е паркиран на аеродромот во Будимпешта.

Унгарската влада попладнево се огласи со соопштение во кое тврди дека „не му помогнале на Груевски да ја напушти Македонија“. Но во изјавата, нема ниту збор за информациите дека унгарските дипломати активно му помагале во најмалку три други држави. Притоа, никој досега официјално не ја обвинуваше Будимпешта дека го извлекла Груевски од Македонија.

Оттаму уште додаваат дека Груевски е „легално во Унгарија“.

Унгарските власти, претходно, веќе потврдија дека Груевски изразил желба да поднесе барање за азил во трета земја, и тоа најверојатно се случило во амбасадата во Тирана. Оттаму, тој отпатувал за Црна Гора и потоа се упатил кон Србија. Логистиката за целото патување била организирана од унгарски дипломати од амбасадите во овие три држави.

Од Србија се уште нема одговор кога и како Груевски заминал за Унгарија, а српското МВР одбива да одговори на веќе две барања за информации од Дојче веле.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top