Австралиец е осуден на смртна казна во Кина, шверцувал дрога

Државјанин на Австралија е осуден на смртна казна во Кина, откако бил обвинет за шверц на дрога..

Човекот, чиј идентитет сè уште не е познат, е осуден во средата, но веста за неговата судбина е објавена дури денес кана веб-страницата на Централниот народен суд во Гуангжу.

Австралиското Министерство за надворешни работи и трговија соопшти дека е „длабоко загрижено“ од пресудата и дека ќе му даде конзуларна помош на осудениот, пишува Си-Ен-Ен.

„Австралија се спротивставува на смртната казна, во сите околности и за сите луѓе. Ние го поддржуваме укинувањето на смртната казна на глобално ниво“, се вели во соопштението на Министерството.

Оваа одлука, најверојатно, дополнително ќе ги влоши тензиите меѓу Кина и Австралија, кои избувнаа во последните неколку недели откако австралискиот премиер Скот Морисон јавно повика на официјална истрага за пандемијата на коронавирусот во Кина.

Во Кина, шверцот со дрога се казнува со високи казни, вклучително и долги затворски казни и смртна казна за странците и за кинеските државјани. Секој што ќе биде откриен со повеќе од 50 грама нелегални опијати може да се соочи со смртна казна.

Минатата година, двајца Канаѓани беа осудени на смртна казна под обвинение за шверц на дрога. Канадските државјани се осудени во вжештена дипломатска расправија меѓу Отава и Пекинг по апсењето на Менг Ванжу, главниот извршен директор на „Хуавеи“.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top