Австралија бара меѓународна истрага за ширењето на коронавирусот

Австралија во разговори со американскиот претседател Доналд Трамп и европските сили бара поддршка за меѓународна истрага за изворот и ширењето на коронавирусот, но Франција и Велика Британија сметаат дека сега не е време за тоа, туку за борба со вирусот..

Австралија бара независна истрага за изворите и ширењето на пандемијата, вклучително и одговор од Светската здравствена организација. Тоа предизвика остри критики од Кина која австралиските пратеници ги обвини дека примаат упатства од САД.

Австралискиот премиер Скот Морисон на Twitter напиша дека имал конструктивен разговор со Трамп за справувањето на двете земји со COVID-19 и потребата за повторно оживување на економијата.

„Исто така разговаравме и за СЗО и соработката на подобрување на транспарентноста и ефикасноста на меѓународните одговори на пандемијата“, објави тој на Twitter.

Претходно Белата куќа остро ги критикуваше СЗО и Кина и го запре финансирањето на таа агенција на Обединетите Нации.

Морисон во телефонски разговор разменил мислење и со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, за улогата на СЗО. Макрон смета дека сега не е време за истрага, пренесе Reuters.

Портпаролот на Борис Џонсон рече дека ќе дојде време кога Обединетото Кралство ќе мора да ги разгледа поуките кои може да се извлечат од оваа криза, но сега министрите се фокусирани на борба против пандемијата.

Владата во Берлин потврди дека Меркел разговарала со Морисон. Минатиот петок нејзиниот портпарол изјави дека поради ширењето на вирусот Кина претрпела многу и направила многу во борбата против неговото ширење.

Кинеската амбасада во Канбера соопшти дека австралиските пратеници се однесуваат како портпароли на Трамп и дека одредени австралиски политичари спремно го повторуваат тврдењето на Американците и ги следат во политички напади на Кина.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top