Австралија е оптимист околу забавувањето на заразата, бара претпазливост

Неколку австралиски здравствени службеници рекоа дека се претпазливи оптимисти поради забавувањето на ширењето на коронавирусот во земјата, но предупредија за потребата да се одржи социјалната дистанца со месеци..

Во Австралија во последните 24 часа се пријавени 181 новозаразен, со што вкупниот број достигна 5.635, според Министерството за здравство.

Бројот на починати порасна на 34.

Според овие бројки, дневната стапка на раст на новите случаи е под пет проценти, што е една петтина од она со што Австралија се соочи кон средината на март.

Директорот на заводот за заштита на здравјето на Нов Јужен Велс, Џереми Меканулти, рече дека постои надеж дека кривата на нови случаи почнала да паѓа.

Министерот за здравство Грег Хант во саботата предупреди дека и покрај добрите знаци, Австралијците треба да продолжат да одржуваат социјално растојание едни од други во следната половина година.

„Ова е тежок период што треба да го поминеме“, рече Хант за Скај Австралија.

Според извештајот на Гугл за мобилност во заедницата, објавен на 29 март, во кој се прикажани трендовите во текот на одредено време, Австралијците ги намалиле посетите на рестораните и трговски центри за 45 проценти, додека посетите на продавниците за храна се намалени за само петтина.

Како резултат на тоа, минатата недела беа воведени построги ограничувања, кои ги ограничија јавните собири на две лица, а повеќето беа повикани да останат дома. Државните граници, рестораните, кафулињата, парковите и салите за вежбање се затворени.

Неколку сојузни држави ѝ дадоа овластувања на полицијата да спроведува мерки на парично казнување на лице место и со потенцијални затворски казни.

Во Нов Зеланд, кој брзо воведе строги ограничувања, па повеќето луѓе седат дома, за 95 проценти се намалени посетите во продавниците и центрите за рекреација, рестораните и кафулињата, покажуваат сличните податоци.

Нов Зеланд во неделата регистрираше 48 нови случаи, со што вкупно се забележани 872 заразени. Едно лице починало досега, според Министерството за здравство.

Премиерката Џасинда Ардерн рече дека „строгите и рано преземени мерки“ се чини дека даваат резултати.

„Иако генерално луѓето се придржуваат кон пропишаните мерки, сè уште има некои што милосрдно би ги опишала како идиоти“, рече Ардерн на телевизиски брифинг.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top