Балканот под закана, Русија чека шанса?

Безбедноста во Западен Балкан е под закана од етнички тензии, па дури и воени конфликти, што според извештаите на странските безбедносни служби, е во полза на назадни сили кои сакаат Македонија и државите од државите од регионот да ги одвратат од НАТО и ЕУ.

Западен Балкан оваа година ќе биде во состојба на одреден ризик од етнички насилства на пониско ниво, но и можни оружени судири, а тоа Москва ќе се обиде да го искористи спротивно да интересите на регионот, предупредија американските безбедносни служби во нивниот последен заеднички извештај насловен „Заканите ширум светот“. Вакви предупредувања беа нотирани и на годинашниот Белградски безбедносен форум, а со нив се сложуваат и поголем број политички аналитичари.

„Русија ќе настојува да искористи етнички тензии и корупцијата на високо ниво за да ги оневозможи државите од тој регион да продолжат со реформите и со нивниот пат во ЕУ и НАТО“, објавија ЦИА, НСА и другите служби во поглавјето Балкан, каде меѓу останатото, акцент е ставен и на Македонија и Косово.

Можните етнички насилства на Балканот во повеќе наврати беа ставани и во извештаите за руското антизападно влијание во регионот и беа посочувани како плодна почва за руска акција, наспроти одамна потврдените ставови на Македонија, Косово, Црна Гора и БиХ, дека својата иднина ја гледаат во НАТО и ЕУ.

Кацарска: Долго присутна теза

Со предупреувањето и тезата дека Русија со тензии во Западен Балкан, а со тоа и во Македонија, сака да го наметне своето влијание, и дека затоа ѝ одговара нестабилен регион, се сложува и директорката на македонскиот Центар за европски политики, Симонида Кацарска. Таа, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека оваа теза во регионот е присутна веќе подолг период.

„Таа теза е подолго време присутна и во академските кругови и меѓу истражувачите на јавните политики, но од наш аспект, ако ние си погледнеме во сопствениот двор, очигледно е дека околу дискусијата за примената на Преспанскиот договор како и потенцијалното членство на Македонија во НАТО, кое следува како резултат на имплементацијата на тој договор, постои несогласување од Русија во однос на начинот на кој што го гледаат македонското членство во Алијансата и самиот процес што води кон тоа членство“, изјави Кацарска во интервју за РСЕ.

Радев: Членството на Северна Македонија во НАТО не е извор на опасност

Од друга страна, пак, официјална Москва во неколку наврати повтори дека зачленувањето на Македонија во НАТО може да ја наруши и нејзината безбедност, но и безбедноста на целиот регион.

Со тоа не се сложува македонската Влада, која на ваквите предупредувања одговори дека резултатот од зачленувањето на Македонија и Западен Балкан во НАТО и во ЕУ ќе значи безбедност и економски напредок.

И бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека членството на Северна Македонија во НАТО не може да биде извор на опасност за никого. Тој во интервју за руската новинска агенција ТАСС рече дека тоа ќе придонесе за поголема безбедност на регионот.

„Членството на земјите од Западен Балкан во НАТО кое Бугарија го поддржува го намалува потенцијалот за конфликти во нашиот сложен регион“, изјави Радев.

И недобивањето датум од ЕУ може да влијае на безбедноста

И евентуалното недобивање на датум за преговори на Македонија со ЕУ се става во контекст на можни безбедносни нарушувања и антизападни влијанија во регионот.

На минатонеделниот состанок на Подгоричкиот клуб во Скопје, поранешниот претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ, рече дека „ако ЕУ не препорача датум за почеток на преговори тоа ќе значи дека ЕУ ќе соопшти потполно јасно дека трети земји, кои имаат разни интереси на нашиот простор, ќе имаат отворена можност за ретроградно и антиевропско делување“.

На иста линија е и претседателот Стево Пендаровски, кој на истиот состанок рече дека одложувањето на датумот за преговори не само што ќе го наруши кредибилиетот на ЕУ, туку и негативно ќе влијае на стабилноста на целиот регион.

Извор: Радио Слободна Европа


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top