Барса попушти: Суарез бесплатно во Атлетико и 2.000.000 евра бонус

Не е исклучено до утревечер пак да се појави некој луд пресврт, но како што стојат работите во моментов – Луис Суарез оди во Атлетико! Можеби веќе утре….

Тоа е епилогот од вечерашниот состанок на адвокатите на Суарез со раководството на Барселона кое го претставуваше Жозе Марија Бартомеу.

Барселона и Суарез вчера имаа договор Уругваецот да прејде во Атлетико без обештетување и да прифати исплата на само 7.000.000 евра од можните 15.000.000 колку што би му припаднале во Барселона за последната година од договорот. Недостасуваше само потписот на Барселона на договорот, а потоа Бартомеу под притисок на управниот одбор го промени мислењето и побара сума од 10.000.000 евра за обештетување, плус Суарез да се откаже од целата последна година од договорот. Уругваецот збесна, се закани дека на прес-конференција ќе открие многу работи кои клубот се обидува да ги сокрие и дека ќе седи на трибините цела сезона додека не ги добие сите 15.000.000 евра.

Таквиот став на Суарез малку го исплаши Бартомеу па вечерва е одржан итен состанок. Со ултиматумот од Атлетико дека ќе се откаже од Суарез во следните ден или два и ќе го донесе Кавани, двете страни беа принудени повторно да седнат на маса, да преговараат и да ја спуштат топката.

Без оглед дали им верувате на мадридските или каталонските медиуми, суштината е дека начелен договор за разелба е постигнат. Суарез наводно прифатил да се откаже од целиот договор на што потенцираат медиумите во Каталонија и го премолчуваат клупскиот срам дека Пистолеро ќе си оди како слободен играч. Мадридските медиуми јавуваат дека Суарез дефинитивно оди без обештетување и дека Атлетико единствено би можел да исплати 2.000.000 евра низ бонуси ако со Суарез во составот се пласира во четвртфиналето од ЛШ во следните две сезони. Смешно… Но така Барса ги продаде и Ракитиќ и Видал.

Исто така, Суарез наводно прифатил во Атлетико да игра за 7.500.000 евра по сезона во текот на двегодишниот договор.

Потписот на договорот се очекува можеби веќе и утре бидејќи на тоа чекаше и Алваро Мората кој во Торино ги мина лекарските прегледи, но Јувентус не можеше официјално да го потврди додека Атлетико не потпише договор. А Атлетико го чека Суарез да стави потпис за да го продаде Мората. Конечно, вечерва и Јуве официјално го потврди Мората, што е само уште еден доказ дека Суарез е нов напаѓач на Атлетико.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top