Без граѓанска акција ништо од почист воздух

Граѓаните значително можат да помогнат во намалувањето на аерозагадувањето доколку ги променат своите секојдневни навики, велат познавачи..

За проблемот со аерозагадувањето главно одговорност се бара од властите, но ситуацијата во градовите може да се подобри доколку и граѓаните променат дел од своите навики, објаснуваат активистите од еколошките граѓански организации.

Тие велат дека во таа насока граѓаните, наместо автомобил, може да користат велосипед како превозно средство низ градот, или доколку користат автомобил, можат да му понудат превоз и на соседот или колегите ако се движат во ист правец.

Зголемената свест за проблемот значи граѓаните да одат пеш на кратки растојанија или да користат јавен транспорт за подалечни дестинации, помалку да патуваат со авион и да ги гасат светилките и електричните уреди во домот, кога не ги употребуваат.

Дел од можностите за одржливото движење се и електричните возила за оние кои можат да си дозволат да ги набават.

Расте свеста за загадениот воздух

Невена Смилевска од граѓанската организација „Еко-свест“ вели дека генерално еколошката свест на граѓаните во Македонија се уште е на релативно ниско ниво, но дека свеста за загадувањето на воздухот е значително зголемена во однос на изминатите неколку години.

„Навиките на луѓето значително ќе ја променат ситуацијата во однос на загадувањето на воздухот. Дали станува збор за тоа како одите на работа, како се движите низ градот, или како се греете дома и колку ефикасно ја користите енергијата. Некои работи директно влијаат, како што е на пример возењето автомобил, наспроти користењето јавен превоз или возењето велосипед, или начинот на којшто го загревате вашиот дом“, вели Смилевска додавајќи:

„Сите овие работи влијаат на тоа каков воздух дишеме. Ако користите парно најмалку придонесувате, а ако користите јаглен значително придонесувате. Јагленот за домаќинствата е многу неповолен во однос на аероагадувањето, а и во однос на здравјето, бидејќи така испуштате јаглен моноксид во вашиот дом“, вели таа.

Промената на навиките може да значи намалување на удобноста ако помалку возите автомобил, вели Смилевска, истакнувајќи оти од друга страна така граѓаните повеќе ќе се дружат со своите соседи и ќе имаат придобивки за своето здравје.

Таа посочува дека постојат неколку начини за властите да ги поттикнат и мотивираат граѓаните да ги променат своите навики.

„Едниот начин е со закон, меѓутоа тоа не е толку поволен начин како што е доколку се даде некаков пример. Во препораките до интерсекторската група во Влада сите институции се задолжуваат да ја користат мерката да се преполови користењето на службени возила во институциите. Исто така честопати можеме да го видиме амбасадорот на Холандија како на работа оди со велосипед, или шведскиот амбасадор на работа оди пеш. Тоа се примери коишто можат да ги поттикнат граѓаните да преземат такви поволни и здрави мерки“, вели Смилевска.

Никола Нешкоски е инженер за животна средина од граѓанската организација „Еко-логик“, кој одржува обуки за еколошки теми за млади и возрасни. Тој вели дека свеста на граѓаните за заштитата на животната средина се уште е на ниско ниво, не само во Македонија, туку и во регионот. Тој сепак потенцира дека, иако процесот е бавен, свеста сепак се менува во позитивна насока.

„Има примери на граѓани индивидуалци кои се грижат за животната средина со оние секојдневни активности со кои може да се придонесе, на пример со серија активисти кои ги практикува едно домаќинство“, вели Нешкоски.

Не е само до навиките и до парите è

Тој истакнува дека секојдневните навики на граѓаните можат да придонесат за намалување на загадувањето на воздухот, наведувајќи оти сепак тоа зависи и од други фактори, како што е економскиот.

„Тука ќе го спомнам греењето во домовите, почнувајќи од дрвата, па до секаков друг тип на материјал кој произведува топлинска енергија. Луѓето за да сменат друг начин за загревање на домовите требаат повеќе пари. Претпоставувам ако луѓето имаат алтернатива која не загадува, дека ќе го променат начинот на греење“, вели Нешкоски.

Тој потенцира дека промените првенствено треба да бидат поттикнати од властите кои треба да понудат алтернативи, но и повеќе мерки за превенција на проблемот.

„Треба нешто да се овозможи од самите власти што ќе биде позитивно за граѓаните, меѓутоа од друга страна треба да се дестимулира користењето на автомобили и користењето на огревно дрво кое енормно загадува. Така што мора да има стимулација и дестимулација за да се постигне тој баланс што сите го посакуваме“, вели Нешкоски.

Според достапните истражувања и студии на институциите и граѓанските организации, греењето од домаќинствата има значителен удел во загадувањето на воздухот во главниот град Скопје, односно со 30 проценти, додека 20 отсто од загадувањето доаѓа од возилата.

Најзначајниот наод на неодамнешната Студијата на УНДП е дека 45 проценти од домаќинствата во Скопје се греат на дрво или други материи кои се штетниза воздухот, а дека Скопје троши 370 илјади тони огревно дрво што еднакво на бројот на дрва што ги има на Водно.

Штутгарт прв град кој ќе забрани дизел автомобили

Скопје не е единствениот град каде граѓаните се соочуваат со канцерогените ситни честички во воздухот. Од Пекинг, преку Њу Делхи до европските градови, меѓу нив и Скопје, граѓаните се задушуваат во смог и опасни ситни честички. Најмногу во зимските месеци кога атмосферските прилики предизвикуваат ваквите честички да се задржуваат ниско до површината на земјата.

Гоце Атанасов

Германскиот град Штутгарт веќе неколку години е загаден со рекордно ниво на ситни честички. Сместен е во котлина и кога температурите се ниски, топлиот воздух горе не му дава на студениот да се подигне.

Тоа ги држи ситните честички ниско над површината на земјата каде што луѓето ги вдишуваат. Овие честички се класифицирани како канцерогени од Светската здравствена организација.

Проблемот е особено голем во местата со најгуст сообраќај. Веќе трета година за ред Штутгарт упатува апели до граѓаните да возат велосипеди и електрични автомобили и да користат јавен превоз.

Апелирано е и да не се палат камини, огништа и скари. Апелите вродија плод и беа постигнати огромни резултати. Годинава бројот на денови кога во Штутгарт е надминат, дозволениот од Европската унија лимит, драстично е намален.

Но, и покрај тоа, во овој град има 63 денови со канцерогени честички над дозволеното ниво од 50 микрограмови. Според германските закони, тој број не треба да биде над 35 денови. Петер Петзолд задолжен во градот за планирање и животна средина вели:

„Мислам дека сојузната влада треба посилно да нѐ поддржува во проширувањето на јавниот транспорт, бидејќи за тоа ни треба значително законско регулирање. Но, за тоа ни е потребна поддршка“, вели Петзолд.

Штутгарт е главен град на третата најразвиена германска сојузна држава Баден Виртемберг, која пак е важен центар на германската автомобилска индустрија.

Дајмлер и Порше имаат фабрики во градот, како впрочем и Бош кој произведува авто делови. Сепак, Штутгарт би можело да стане прв град во кој ќе бидат забранети дизел автомобили.

Таквото барање се интензивира особено откако избувна скандалот со измамата за испуштањето штетни гасови од дизел моторите на Фолксваген. Од тогаш многу големи градови, како Мадрид, Париз и Атина објавија планови кои се фокусирани врз намалување на емисиите од дизел возилата, вклучувајќи забрани, парични казни и ограничувања.

Лондон веќе изгласа нов надоместок за старите типови автомобили кои влегуваат во центарот на градот. Градоначалникот Садик Кан вели:

„Воздухот во Лондон е лош, но исто така е и убиец. Секоја година во Лондон, повеќе од 9.000 лондончани прерано умираат поради лошиот квалитет на воздухот“, вели Кан.

Граѓаните пак, се поделени околу оваа мерка:

„Мислам дека е добро за градот, да. Ќе го намали загадувањето и ќе направи луѓето подобро да живеат. Да, тоа ќе биде добра работа.“

„Мислам дека проблемот е тоа што всушност ќе се казнат луѓето кои најмалку можат да си дозволат да платат.“

„Мислам дека тоа може да биде нефер за оние што ги имаат тие возила. Не се виновни дека ги имаат тие возила и мислам дека казната е малку висока и тие треба да имаат претходно предупредување.“

ЕУ со нови ограничувања на емисијата штетни гасови од колите

Токму затоа Европската унија предлага построги мерки за намалување на загадувањето на воздухот, особено од издувните гасови на автомобилите. Меѓу другото, се предвидуваат казни за кршење на ограничувањата за јаглерод диоксид и систем за кредитирање на производителите на автомобили за да се поттикне ширењето на електрични возила.

Комесарот на ЕУ, Мигел Аријас Канети, кој е задолжен за климатските промени е заинтересиран за законодавство кое ќе ја поттикне европската индустрија да развие електрични возила:

„Европа заостана во глобалната трка за чисти возила. Ние ќе го загубиме технолошкото лидерство ако чистите возила во САД, Јапонија и Кина продолжат да се оддалечуваат од нас и ајде да ги видиме фактите: Европа во моментов не е на вистинскиот пат“, вели Канети.

Но, планот се соочува со жестока опозиција од земјите кои имаат големи автомобилски индустрии. Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел оцени дека построгите правила може да бидат штетни за економскиот раст и работните места.

Македонските власти предложија низа мерки

Граѓаните во неколку градови во Македонија во изминатиот период одржуваа и протести барајќи од властите мерки за намалување на аерозагадувањето, но чести се и повиците во групите на социјалните мрежи каде граѓаните објавуваат стотици видеа и фотографии од запалени диви депонии и контејнери и од загадувањето од индустријата.

Граѓанската акција е само еден дел од сложениот проблем со аерозагадувањето. Во Македонија во десетици студии и анализи се наведени најголемите извори на загадувањето, како што се индустриските енергетски компании, урбанизацијата, депониите, сообраќајот и домаќинствата.

За намалувањето на аерозагадувањето деновиве локалните и централните власти излегоа со серија долгорочни и краткорочни мерки преку кои во наредните десет години треба да се решава проблемот.

Како итни мерки се најавуваат засилениот комунален надзор на недозволени палења и сообраќајни решенија со кои треба да се ублажи аерозагадувањето, a најавено e иницирање на измени на законот со што при технички преглед секое возило да добива еколошка налепница,

Претставници на граѓански еколошки организации велат дека властите треба да гарантираат дека мерките нема да останат само на хартија.

Аерозагадувањето се смета за најголем еколошки проблем на глобално ниво. Во Македонија годишно по 1.350 луѓе умираат од загаден воздух, а економијата трпи загуби од над 250 милиони долари.

Извор: Радио Слободна Европа


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top