Без напредок околу Законот за Јавно обвинителство по средбата Маричиќ - Муцунски

Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ најавија дека ќе изготват предлози и забелешки за Законот а потоа може да продолжат со преговори работните групи на двете партии. Засега во Собранието не е обезбедено неопходното двотретинско мнозинство.

Работните групи на СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ ќе продолжат со работа и преговори околу Законот за Јавно обвинителство, еден од клучните во еворинтеграциските процеси, откако стручните тимови на најголемата опозициска партија ќе изготват свои предлози и забелешки на владиниот предлог закон. Евентуално продолжување на преговорите меѓу работните групи е можно на почетокот на идната недела.

Ова е епилогот од денешната средба меѓу Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО - ДПМНЕ која се одржа зад затворени врати на Правниот факултет.

,Камен на сопнување продолжува да биде неизбалансираното законско решение, со кое засега не се гарантира независно јавно обвинителство кое не е подложно на политички злоупотреби. – брифираат од ВМРО ДПМНЕ.

По средбата се огласи и претседатлот на СДСМ, Зоран Заев, кој истакна дека очекува предлог од ВМРО-ДПМНЕ за да продолжат со работа работните групи на двете партии.

„ Ред е големите политички партии да најдат решение за вакво сериозно прашање, особено сега кога предметите на СЈО се обезбедени. Ред е да направиме суштински, структурен европски закон за Јавно обвинителство. Разговарам и со други пратеници, има надеж, треба да се помине и низ материјата за унапредување на целиот материјал, за на рајот да веруваме дека може да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство. Тоа е еден од законите кои остана последен од делот на реформите, односно реформите во правосудството и наша обврска е да го донесеме“, стои во писменото соопштение од партијата.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска пак ги повика политичките партии да ги надминат, теснопартиските и политички позиции и да најдат компромис. Според Османи, Законот не е услов од Европскиот совет или Европската Комисија, но е важен за некои држави членки на Унијата, како што се Холандија и Франција.

„Советот не рече имате уште еден бенчмарк, но индивидуално земјите – членки, одредени земји членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување на правна држава“, рече Османи.

Ве меѓувреме во Собранието не е обезбедено двотретинското мнозинство, неопходно за Законот за Јавно обвинителство. Партиите од албанскиот блок засега без јасни сигнали дали ќе го поддрѓат а Заев пак најави дека се можни и компромиси за да се добие поддршаката на осуммината независни пратеници кои беа исклучени од ВМРО - ДПМНЕ откако гласаа за Преспанскиот договор.

Во предлог-законот меѓудругото стои дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема надлежностите од СЈО на што се однесуваат најголемиот број на забелешки на опозицијата.

Преговорите меѓу власта и позицијата за овој закон почнаа во март минатата година, а сега остануваат уште дваесетина дена рок да се донесе бидејќи Собраието се распушта на 60 дена пред предвремените парламентарни избори закажани за 12 април односно на 11 февруари.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top