Билт дојде со црни прогнози, во Собранието нов обид за разврска на кризата

Продолжението на конститутивната седница на Собранието е закажано за денеска во 11 часот. Според партиските соопштенија, од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ нема отстапување од рововските позиции на партиите..

Ново е само што денеска во Скопје ненајавено е и поранешниот шеф на шведската дипломатија, Карл Билт, кој на својот твитер-профил, исто така, напиша: „Нема изгледи за крај на уставната криза во Скопје. Разликите во ставовите помеѓу политичките партии се сè подлабоки. Ситуацијата е мошне сериозна.“

Официјално не е соопштено во каква мисија доаѓа Билт, дали станува збор за посредничка или, што е поверојатно, само за „извидничка“ улога.

Билт ќе се сретне со лидерите на политичките партии, а во агендата на претседателот Ѓорге Иванов не е предвидена средба со поранешниот шеф на шведската дипломатија.

Иванов, претходно во интервју за австрискиот „Винер цајтунг“, го повтори својот став дека нема да го додели мандатот и да се избере претседател на Собранието.

„Формирање влада без оправдан мандат е правно неиздржано“, изјави Иванов.

Пред денешната седница, СДСМ напиша дека „Груевски нема право да нуди 51 избран пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, како да се негова лична своина“.

„Прво, парламентарно мнозинство веќе постои и тоа никој не го бара од него. А, и дали некои од опозициските пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе најдат здрав разум и ќе ги поддржат реформите по формирањето на новата реформска влада, исто така не зависи од Груевски“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера порачаа дека „криминалецот Заев за својата лична амнестија за криминалите што ги сторил е решен Македонија да ја направи двојазична, да ги прогласи за геноцидни сопствениот народ и држава, да го промени името на државата по грчки терк и во крајна фаза да ја федерализира државата“.



Copyright 2016 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top