Билт ги зовре социјалните мрежи

Лавина коментари на социјалните мрежи предизвика посетата на Македонија на поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билт.

Лавина коментари на социјалните мрежи предизвика посетата на Македонија на поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билт, кој како што самиот објави на својот твитер-профил доаѓа во извидничка мисија за да собере информации што ќе им бидат пренесени на европските лидери во однос на актуелната ситуација во Македонија. 

Некои од коментарите се дека тој е познат како „војноносец“, односно каде и да замине тој во посета, во таа земја почнува војна, но има и такви во кои се вели дека неговата посета треба да го освести политичкиот врв за конечно да се надмине политичката криза во Македонија.
На социјалните мрежи, Билт е окарактеризиран како освојувач на барикади, како негативна личност, која каде и да оди носи војни со себе.

Повеќето од граѓаните на социјалните мрежи отворено изразуваат поддршка на тоа што од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов соопштија дека средба на претседателот со Билт, не е планирана. 
- Почит претседателе. Карл Билт е најголемата смешка од човек и најголем соросоид. Овој човек треба да се изолира од целиот свет и да се воведе ембарго за сѐ - се вели во дел од коментарите.

На ваквите коментари речиси секогаш има контракоментари, кои се однесуваат на тоа дека не смее да продолжи ваквото однесување, затоа што доколку се случи тоа, Македонија ќе ѝ го сврти грбот на ЕУ, „а тоа никако не ѝ оди во прилог на државата затоа што земјата зависи од ЕУ и од САД“.
- Билт е човек што мрази сѐ што не е албанско. Потекнува од баба-соработничка на фашистите во Албанија во женските затвори, а пребегала со германска подморница. Оваа информација беше објавена во сите југословенски републики во времето на војната во Босна и Херцеговина, каде што овој христијаномразец се докажа со подлост - гласи еден од коментарите на Фејсбук.

Многумина го сметаат Билт за еден од најмоќните луѓе во Европа, кој владее од сенка меѓутоа немал поддршка од сопствената држава за да стане премиер.
- Овој човек немаше рејтинг во Шведска за добар премиер. Не го бидуваше за економски реформи и го ставија за надворешни работи. Имаше и доста голем број други критики што не излегоа во јавноста. Некој го турка од страната на НАТО - вели еден граѓанин. 

Граѓаните го нарекуваат Билт со разни погрдни имиња, од што лесно може да се заклучи дека не е посакуван во државата. 
- Фашист! Ако сака да ја нападне Русија, нека тргне како Хитлер, а не преку балканските земји. Доста се водеа војни на Балканот, доста гинеа Балканци. Сега е ред на Европејците од ЕУ - револтирано пишуваат граѓаните.
Други, пак, велат дека Билт веќе докажал дека е душман на Македонија и пошироко на Балканот.
- Отворено се залагаше за агресија врз Сојузна Република Југославија, а сега истото тоа сака да се случи и во Македонија. Овој шведски дипломат има забрана за влез во Руската Федерација, па не би било лошо и кај нас да го снајде истото - коментира друг граѓанин.

Некои од коментарите велат и дека случувањата во Украина го натерале Билт во 2015 година да каже дека православието е главна закана на Западот, бидејќи околу него се собира Русија.
- Билт наместо да ги решава проблемите со мигрантите во Шведска, продлабочува кризи на Балканот - пишува друг граѓанин.

Некои, пак, сметаат дека кризата мора да се реши со посредници и тврдат дека посетата на Билт е добра за земјата и за надминување на политичката криза.
- Добро е што доаѓа некој од ЕУ. Тоа значи дека земјава има заинтересирани пријатели што сакаат да помогнат да се надмине кризата. Човекот сигурно има попаметна работа, но сепак решил да дојде и да ја посети Македонија за да поразговара со политичарите и да влијае за надминување на кризата. Свесни ли сте дека само ние во Македонија имаме криза што трае со години и нема никаков изглед дека истата таа ќе се реши? - реагира граѓанин на Фејсбук.



Copyright 2016 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top