Благајникот на папата Франциск обвинет за повеќе силувања

Папата Франциск се соочува со најголемата криза од почетокот на мандатот, откако третиот по важност функционер на Ватикан, кардиналот Џорџ Пел, беше обвинет за сексуално малтретирање во родната Австралија.

Австралиската полиција соопшти дека до правните застапници на Пел во Мелбурн поднела обвинение за повеќе сексуални престапи. Австралискиот кардинал е највисокиот функционер на Ватикан што досега е обвинет за сексуално малтретирање, а слични скандали со години ја тресат Католичката црква. Веста за обвиненијата против Пел, кој е главен финансиски советник на папата, претставува голем тест за Франциск, кој е цел на критики од адвокатите на жртвите на малтретирањето дека не се залага доволно за да одговори на долгата криза со вакви престапи, пишува „Гардијан“.

Австралиската полиција соопшти дека кардиналот Пел мора да се појави на суд на 18 јули.
- Кардиналот Пел се соочува со повеќе обвиненија, а има и повеќе подносители на обвинение. Обвиненијата се однесуваат на минати престапи со сексуално малтретирање - се наведува во соопштението на полицијата. 
Во меѓувреме се огласи и Пел, кој порача дека не е виновен и дека ќе земе отсуство за да се врати во Австралија и да го „исчисти“ своето име.
- Со месеци има постојани напади на мојата личност. Се радувам што конечно ќе се појавам на суд, не сум виновен, овие обвиненија се лажни. Целата идеја за сексуално малтретирање ми е одвратна. Покрај тоа, редовно го информирам папата Франциск во текот на овие долги месеци и минатата недела повеќепати разговарав со него - истакна главниот благајник на поглаварот на Римокатоличката црква.

Експертите оценуваат дека тонот на реакцијата на Ватикан, кој ја нагласи историската природа на обвиненијата, фактот оти Пел е поборник за жртвите и неговата „чесност“, сугерираат дека папата Франциск не отстапува од поддршката за неговиот главен финансиски советник. Папата постојано тврди дека црквата треба да има нула-толеранција за сексуалните престапници од редовите на црквата или, пак, за оние што им даваат заштита. Но поборниците за правата на жртвите сметаат дека папата Франциск не сторил многу за овој долгогодишен проблем. Две жртви на сексуално малтретирање, кои папата ги именува за новата комисија за справување со ваквите престапи, поднесоа оставка или беа принудени да си заминат, што, според нив, е сигнал дека црквата сѐ уште не гледа сериозно на овој проблем. 

Енергичниот конзервативец Пел и папата Франциск се наоѓаат на спротивни краеви од црковниот идеолошки спектар, вклучувајќи ги и прашања како што е проблемот со глобалното затоплување. Но ставовите на двајцата се совпаѓаат за едно многу важно прашање - реформата на чудната економија на Ватикан. Исто како и самиот папа, кардиналот Пел доби многу непријатели во Ватикан, кои се против неговите повици за поголема транспарентност во финансирањето на Католичката црква. Тој, како што оценува британски „Гардијан“, успеа да се одржи на високата функција благодарение токму на големата поддршка од папата Франциск.

Кардиналот Пел е поранешен надбискуп на Сиднеј и на Мелбурн. Од 2014 година, тој е префект на секретаријатот за економија, односно главен благајник на Ватикан.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top