Бојаџи: Во Македонија владее нацизам, власта сака да се иселам од земјава, секое прикажување на „Ругање со Христос“ е вистинска борба

Ексклузивно интервју на Јани Бојаџи за Инфо Компас.

Кон мене ова власт се однесува како да имаат некаква лична работа за расчистување. Ова власт, а особено премиерот и министерот за култура кон мене се однесуваат како кон непријател. И тој нивен однос се гледа во тоа што институции со тие управуваат не дозволуваат ниту еден мој проект да помине ниту во театар, ниту во телевизија. А пак за филм веќе и не помислувам. До мене стигаат пораки дека додека тие се власт во северната република најдобро би било за мене да се иселам од државата. Тие тоа и го посакуваат. Секогаш било тешко. Да не се лажеме дека било лесно да се биде уметник и во други времиња низ годините наназад. Не беше лесно ни со оние пред нив. Уф! Беше до „мајчината“ тешко ! Но во Македонија во овој момент јас немам право ниту да бидам уметник. Ова го истакнува во интервјуто за Инфо Компас сценаристот и режисиер Јани Бојаџи, пред прикажувањето на „Ругање со Христос“ во Прилеп на 9 март.

Вашиот филм „Ругање со Христос“ предизвика досега можеби невидени реакции од страна на политичарите во Македонија за едно уметничко дело. Филмот прво беше забрануван да се прикажува во Македонија, но со вашата упорност и пооддршката од јавноста некако успеавте да го прикажете во неколку градови. Како дојде до тоа власта да попушти и во кои градови и на кои фестивали е прикажан досега „Ругање со Христос“ во Македонија ?

Па, прво, власта сеуште не попуштила, ако така може да се каже. И не очекувам да попуштат така лесно. Има една реплика од филмот Тетовирање на Столе Попов која е вечно актуелна и вечно загрижувачка: „Тоа се комунисти. Не ја пуштат тие власта толку лесно!“ Инаку, добро сте забележале. Точно заради нашата упорност и подршката од јавноста филмот го прикажaвме во неколку градови низ Македонија. Прилеп е класика во жанрот за тоа како јавноста ако е доволно силна никој не може да и застане на патот! Во Прилеп филмот ќе се прикаже само затоа што неколку прилепчани на чело со Ивица Калап успееја да направат притисок врз управата на Центарот за култура Марко Цепенков да ни дозволат да го прикажеме филмот, се разбира на комерцијална основа, тие ни ја рентаат салата за пари, во единственото место во Прилеп и околината каде што може да се организира кино проекција.

Како одеше прикажувањето, лесно или моравте за секоја проекција да повторно да водите борби ?

Тоа е најтешкиот дел за мене. Секогаш е град по град. И за секој град е борба од месец до два, со притисоци по сите основи. Секогаш почнувам од почеток како знам и умеам со помош на обични луѓе од градовите кои ете така, од инает што би се рекло, за ништо, за никаков личен интерес ја водат ова борба заедно со мене! И бескрајно сум им благодарен за тоа. Ако не беа тие луѓе, ова немаше да го дотуркаме до тука!

На 9-ти овој месец „Ругање со Христос“ ќе се прикажува во Прилеп, како успеавте филмот да го донесете тука ?

Јас се обидував неколку месеци да добијам термин и договор за проекција во Центарот за култура. Прво рекоа дека нема проблем. Потоа дека немаат технички услови. Па ние рековме дека самите ќе обезбедиме техника. Па потоа рекоа дека немаат просторни услови и на крајот престанаа да комуницираат со мене. И тоа е како по правило исто во сите градови и сите Центри за култура и со МКЦ во Скопје кои се сопственици на сите државни кина во главниот град. Не комуницираат со мене.Или ќе почнат комуникација со план за манипулација, па откако ние ќе им ја осуетиме манипулацијата се повлекуваат и не зборуваат со нас до следната нивна идеа за нова лага.Но во еден момент Ивица Калап се понуди тој да се обиде да добие Договор со Центарот во Прилеп. И после неколку месеци притисок тој човек успеа да постигне Договор. И ете не на 9 ти Март во Центарот за култура Марко Цепенков. Му благодарам бескрајно за тоа.

Како се однесуваат другите Центри за култура и кино сали во Македонија, што ви одговараат на вашите барања ?

Не одговараат на нашите писмени барања и не комуницираат на телефон со мене! Многу висок функционер во владата ми забележа во еден телефонски разговор дека неправедно сум ги нарекувал фашисти по медиумите! Е-па како се нарекува тоа кога власта и нејзините институции не комуницираат, ги игнорираат граѓаните на нивната заедничка земја за јавни работи на кои имаат право како граѓани? Во право е. Тоа не е фашизам. Тоа е нацизам! Така постапувале нацистите со евреите и нивните неистомисленици. Не  им дозволувале да имаат конктакт со институциите на држвата. Не им дозволувале да приредуваат изложби. Да изведуваат театарски претстави. Да приредуваат концерти и да прикажуваат филмови. Во Македонија денес имаме нацизам, кој за жал во својата форма е со распарталесани униформи позајмени од фундус на некој провинциски циркус, но во својата суштина е пожесток од времето на нацистичка Германија.

Каде се е прикажуван „Ругање со Христос“ во странство и дали има освоено некоја награда ?

Филмот е прикажан на фестивали во земјата и во светот и допрва следува негова промоција и дистрибуција во САД, Германија, Италија, Словенија и други држави. Нашето време и знаење е насочено кон тоа филмот да биде прикажан во што повеќе кина во Европа и надвор од неа. Тоа ни е најважно. Сето друго до крајот на ова година за мене е неважно. Ако се случи во ред, ако не – не мора. Исто е и со фестивалите и наградите. Ако ги има супер. Ако не, не е важно, ќе преживееме и без тоа. Инаку нашиот филм беше награден на неговото премиерно прикажување во Монтрел во Канада.

Каков беше односот и реакциите на публиката и филмските критичари досега кон филмот ?

Односот на публиката е френетичен. Публиката го гледа филмот во еден здив. Иако ова е филм во жанрот драма и трае повеќе од 2 ипол часа. Ние практикуваме после прикажувањето да имаме таканаречени прашања и одговори и се случува огромен дел од публиката да останува после проекцијата и заедно со мене да разговараат за многу детаљи кои се содржат во филмот за кои дури ни ние како автори не сме знаеле дека имаат такви занчења, односно, публиката на некои сцени или реплики од филмот им дава свои, за нас сега нови уметнички аспекти. А за филмската критика нема да зборувам затоа што не мислам дека треба со моето мислење да стојам наспроти мислењето на било кој филмски критичар. Или било чија друга критика. Добра или лоша.

Каков е сега односот на Министерството за култура и Владата кон вас, сте се виделе со министерот, со премиерот ?

Кон мене ова власт се однесува како да имаат некаква лична работа за расчистување. Ова власт, а особено премиерот и министерот за култура кон мене се однесуваат како кон непријател. И тој нивен однос се гледа во тоа што институции со тие управуваат не дозволуваат ниту еден мој проект да помине ниту во театар, ниту во телевизија. А пак за филм веќе и не помислувам. До мене стигаат пораки дека додека тие се власт во северната република најдобро би било за мене да се иселам од државата. Тие тоа и го посакуваат. Не само со мене. Тие сакаат сите ние кои не се согласуваме со нив да заминеме оттука за да не ги нервираме со нашата работа и нашето постоење воопшто. Јас немам илузии дека доколку им се пружи можност подготвени се дури и да посегнат по мојата слобода.Таква порака до мене испрати еден поранешен нивен министер за култура пишувајќи му за мене на мојот адвокат.

Филмот е снимен само со 290.000 евра, доволно беа тие пари да се сними еден филм и дали конечно ги добивте сите од Агенцијата за филм ?

Филмот е снимен со 260.000 евра. Остатокот од средствата сеуште не е исплатен.По налог на премиерот Заев и министерот Адеми, во Октомври минатата година беше извршена вонредна ревизија на вкупното работење на нашата продукција од страна на државен ревизор од министерството за култура и таа ревизија која тие ја пратија донесе решение дека целата работа на филмот е според законот и сите средства се наменски потрошени. Но и покрај тоа управата на Агенцијата за филм врши други ревизии и со формални забелешки го одлага исплаќањето на доделените средства. Со тоа тие го доведуваат во прашање нашето работење и нашата репутација, бидејќи знаат дека тоа се средства кои ние ги должиме за постпродукција на филмот. Агенцијата за филм наместо да го поттикнува и помага работењето на секој еден филмаџија, тие не уништуваат  организациски но и социјално, што само уште еднаш го потврдува она што го реков погоре дека во Македонија ние сме изложени на државен нацифашизам и како продукција но и јас како уметник.

Дали овој филм навистина има за цел да биде против Албанците и зошто беа навредени тие, што ги погоди толку многу за да реагираат вака ?

Овој филм не е против никого од причина што „Ругање со Христос“ не се занимава со прашања кои засегаат колективитети или нации туку поединци, фикциски карактери и ликови. Но, да сакаа тоа да го видат, премиерот, министерот за култура и неговиот директор на Агенцијата за филм, прво ќе дојдоа да го гледат филмот, а после ќе зборуваа за него. Ама така е со луѓе кои настапуваат од позиција на сила а не од позиција на ум! Јас сум тука немоќен. Не можам да им помогнам.Јас не можам наместо нив ниту да гледам ниту да мислам.

Претходно имавте кажано дека добивате дури и закани по живот, дали се уште добивате такви закани и ако добивате од кого, дали се плашите ?

Немам сега закани какви што имав пред неколку месеци. Тогаш тоа беа отворени и немилосрдни заплашувања. Не само кон мене туку и кон моето семејство. Некои од нив беа и јавни, а некои јас и самиот ги објавував на мојот фејзбук профил. Инаку, ниту тогаш, а ниту сега а ниту во иднина нема да им попуштам пред заканите. Јас така не функционирам. И се разбира дека не им се плашам. Тоа се кукавици! Тоа се обични силеџии само кога зад себе си имаат моќ која доаѓа од нивните функции а не од нивните личности. Дека навистина се страшливци покажаа со тоа што не се појавија на суд кога, замислете самите тие против мене и фестивалот Киненова покренаа тужба за забрана за емитување на филмот „Ругање со Христос“! На денот на судското рочиште, во време кога контролираат и судии и обвинители и војска и полиција тие не се појавија во судот! Го кажувам ова за да знае јавноста дека тоа не се моќни ѕверки туку уплашени луѓе кои покажуваат сила кон другите за да ги прекријат сопствените стравови! Затоа им порачувам на сите да не им се плашат!

Кој е вашиот став за тоа државата да има еден ваков однос кон уметниците, во 21 век да се забранува прикажување на филмови, како се чувствувате ?

Имам страв само од тоа што сум еден од малкуте уметници кој има некаков став за ова состојба во Македонија денес! Од многуте колеги онака под рака и приватно, само Дарко Митревски јавно и недвосмислено ме подржа во целата оваа ситуација! И тоа е се. Но, ова лудило ќе дојде за жал многу скоро и на нивна глава и кога ќе почнаат да лелекаат на сите страни! Се плашам дека тогаш ќе биде доцна да се направи било што превентивно. Тогаш оваа диктатура на безумието ќе мора да се симнува со сила. Нема да може на друг начин. Затоа, повикувам, не заради мене, туку заради нив, додека има уште време и може нешто да се поправи со дијалог, да застанат наспроти овој брутален апартхејд, кој ако сега не се вразуми навистина ќе стаса до бездна која со секој одминат ден ќе станува се подлабока и подлабока.

Дали за ваквата ситуација имате разговарано со ваши колеги од странство, што мислат тие за Македонија после сето ова ?

Се разбира дека разговарам. Прво не можат да разберат дали е ова вистина. Потоа се чудат како е возможно да се случува такво нешто. Потоа се плашат од ова земја. И на крај ми нудат прибежиште.

Тешко ли е да се биде уметник во Македонија ?

Секогаш било тешко. Да не се лажеме дека било лесно да се биде уметник и во други времиња низ годините наназад. Не беше лесно ни со оние пред нив. Уф! Беше до „мајчината“ тешко ! Но во Македонија во овој момент јас немам право ниту да бидам уметник. Тоа право ми е одземено од државата и од политичари од позиција на сила и власт. Во тој смисол ми е бескрајно тешко затоа што мојата борба сега е егзестенцијална. И на уметнички но и на социјален план! Но, тоа е што е. Што можам да направам да го променам ова освен да работам повеќе и поуспешно. Јас не смеам да дозволам да помине ден без работа и ден без творештво! Тоа е мојата борба. Работа и дела!

Кои се вашите идни планови дали имате во план нов филм и после Прилеп каде ќе се прикажува „Ругање со Христос“ ?

Новиот филм е веќе готов. Останува уште да се сними, измонтира и прикаже! Секогаш го цитрам големиот Расин кога ме прашувате вакви работи. Се шегувам. Инаку, да, новото сценарио е готово и се работи за три различни приказни на тројца различни мажи кои на почетокот и на крајот ќе се сретнат на едно место заради една жена! Љубовен филм е во прашање. Да не се вознемируваат одговорните државни органи за контрола, цензура и притисоци! Нека си бидат раат! Но, бидејќи знам дека нема што да очекувам тука, ќе се обидам филмот да го реализирам надвор од Македонија. Дали ќе успеам не знам. Еден Господ знае. Така е со ова работа.Никогаш не зависи само од режисерот. Потребни се многу други нешта за да се случи еден филм. Што се однесува пак до „Ругање со Христос“ не знам кај ќе се прикажува филмот во Македонија. Тоа не знам. Ама знам кај ќе се прикажува во светот. На 24 Март по втор пат во Торонто во Канада. Потоа следуваат проекции во Соеднинетите Американски Држави во градовите Њу Џерси, Чикаго, Њу Јорк, Детроит, Мајами и Лос Анџелес на 5ти Април. Па потоа се селиме во Европа, на 11 Мај од Франкфурт ќе ја започнеме европската промоција во Германија, Швајцарија, Холандија, Италија, Шведска, Малта, Австрија, Словенија и можеби уште некоја европска земја. Ете, тоа е засега се што знаеме дека ќе се случи. Но не заборавам дека ако сака некој човек да го насмее Господ, најдобро ќе биде да му каже за неговите планови!



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top